Министерот за правда Бојан Маричиќ во обраќањето на онлајн конференцијата „Следна станица: Европа“ објави дека очекува на 28 декември Советот за реформи во судството да ја усвои методологијата по која следната година ќе се изврши филтрација во судството и обвинителството.
- Рецидивите од минатото, попречувачите на правдата не може да бидат дел од правосудниот систем и да носат пресуди во името на граѓаните и не може да ги штитат и унапредуваат нивните права. Потребна е временска рамка, односно рокови во кои ќе се изврши ова прочистување и ќе се одвојат чесните од нечесните судии и обвинители. Очекувам дека на 28 декември, Советот за реформи во правосудството ќе ја усвои методологијата по која ќе се изврши филтрацијата на судството и обвинителство, потенцираше Маричиќ.
Министерот кажа и дека многу меѓународни извештаи конкретно посочиле на одредени состојба во правосудството, за кои е потребно да се види дали има намерно заташкување на предмети, намерно застарување на предмети, дали се постапило неправедно и дали некој бил заштитен.
Министерот на конференцијата информираше дека оваа и минатата година, според податоците на Судскиот совет биле разрешени вкупно осум судии, а постапка е поведена против вкупно 83 судии.