По денешната реакција на Државната комисија за спречување на корупцијата, искажана на прес-конференција од страна на г-дин Владимир Георгиев – член на Државната комисија за спречување на корупцијата, Владата на Република Северна Македонија соопштува дека на вчерашната седница (21.12.2020 година) ја констатираше оставката на г-дин Бојан Лазаревски од функцијата член на Управниот одбор на Агенцијата за филм. Оттаму, тој не ја носи функцијата член на Управниот одбор на Агенцијата за филм.
Оставката на г-дин Лазаревски е поднесена неколку дена пред тој да биде назначен за в.д. директор на Агенцијата за филм, а е констатирана пред решението за негово назначување за в.д. директор да биде спроведено. Имено, пред вчерашниот ден г-дин Лазаревски не презел ниту можел да преземе било какво дејствие во својство на директор, особено имајќи предвид дека тој не е впишан како овластено лице во Централниот регистар на Република Северна Македонија.
Со други зборови, во конкретниот случај не постоел никаков ризик од кумулација на функции. Прво, г-дин Лазаревски дал оставка од својата претходна функција пред да биде назначен за друга. Второ, Владата на Република Северна Македонија донела решение со кое ја констатира неговата оставка, односно го разрешува од функцијата на член на Управниот одбор на Агенцијата за филм пред тој ефективно да ја преземе функцијата на в.д. директор.
Владата на Република Северна Македонија постојано инсистира на задржување на највисоките стандарди при назначување на функционери. Оттаму, состојбите на кумулација на функции се далеку од прифатливи. Владата и владините тела внимателно ги испитуваат сите релевантни факти пред дадено лице да биде назначено за функционер.