Совет за реформа на јавната администрација: Државната реорганизација според ЕУ стандарди е стратешка цел на Владата во 2021 година

Советот за реформа на јавната администрација (Совет за РЈА), со кој претседава премиерот Зоран Заев, ја продолжи осмата седница, на која, покрај членовите на Советот, присуствуваа и останатите министри во Владата. 

Како што во воведното обраќање информираше премиерот Заев, целта на седницата е членовите на Советот, но и присутните министри да дадат свој осврт по разгледување на материјалите и предлозите кои произлегуваат од проектот „Поддршка на државната реорганизација“, финансиран од страна на Европската Унија.

„Реформата на јавната администрација е стратешка цел на Владата, а е и наша обврска и кон Европската Унија, но пред сѐ кон нашите граѓани. Планот е до крај на март 2021 година, во координација на сите министерства да се усогласат сите предлози и забелешки на предлог измените на Законот за организација и работа на органите на државната управа, за да може до јули да се усвои Законот во Собрание“, рече премиерот Заев.

Осврт на досега сработеното и изработените предлози за реформа на јавната администрација даде министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири. Како што рече тој, овој проект има за цел ефикасна, ефективна, професионална администрација, и затоа неопходна е вклученост на сите министерства. 

Во рамки на дискусијата, заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, се осврна на важноста од изработка на политика за задржување на професионалните кадри во јавната администрација, особено за кадрите кои работат на ИПА проектите, како и за ИКТ кадрите, во контекст на пристапните преговори со ЕУ. 

Министерот за правда Бојан Маричиќ, побара во структурата за преговори со Европската Унија да се земе предвид и проектот за спроведување на реорганизацијата. 

Заклучокот од осмата седница на Советот на РЈА, беше дека следува обемна работа за сите засегнати страни за која премиерот ги задолжи министерствата, агенциите и инспекциските служби да ја продолжат воспоставената комуникација и да овозможат отворена и засилена соработка со ИПА проектот „Поддршка на државната реорганизација“, во функција на навремено развивање на предлог за реорганизација на органите на државната управа, агенциите и инспекциските служби на централно ниво, најдоцна до крајот на март 2021 година и негово преточување во предлог Закон за организација на органите на државната управа најдоцна до крајот на јуни 2021 година.