„Нашиот народ е пријателски народ. Ние немаме претензии, не се закануваме на никој. Низ Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија тргнавме да станеме браќа и се движевме кон атмосфера да станеме браќа, како што се вика кон најдоброто пријателство. Но, наеднаш решија татковци да ни станат, и тука се појавува проблемот. Обидувајќи се да градиме братство, нашите пријатели решија да ни станат татко, а тоа не е така. Сите ние имаме своја национална посебност, свои национални корења, имаме наша чест и достоинство. Никаде во светот не се преговара за идентитет и јазик. И ние не преговаравме“, истакна претседателот на Владата Зоран Заев за македонско - бугарските односи во гостувањето на емисијата „Само интервју“ на Канал 5.
Премиерот Заев посочи дека актуелниот однос на Бугарија кон нашата земја станува проблематичен бидејќи нашите идентитетски атрибути официјална Софија сака да ги сврзе со нивното толкување на историјата.
„Дел од историјата ни е заедничка, дел нормално ни е посебна. Низ вековите имаме дел од историјата којашто ни е заедничка. Во географскиот регион Македонија живееле и Македонци кои зборуваат македонски јазик, Бугари што зборуваат бугарски јазик. Тоа и денес го има. Тоа е така и немаме дилема околу тоа. Но низ времето се јавиле двата современи народи – македонскиот и бугарскиот народ со свои современи и стандардни литературни јазици - македонскиот и бугарскиот јазик. Не можете да ја присвојувате историјата еден на друг“, истакна премиерот Заев и додаде дека е недозволиво еден народ да му наметнува историја на друг.
Претседателот на Владата нагласи дека заедничка историја имаат не само Република Северна Македонија со Република Бугарија, туку заедничка историја има целиот Балкан, целата Европа, заедничката историја сите нé поврзува заедно низ вековите.
Премиерот Заев истакна дека историјата е работа на историчарите, а дека за политичарите важно е каква историја денеска пишуваат.
Воедно претседателот на Владата изрази задоволство од професионалноста од работата на македонскиот дел на Мешовитата историска комисија и истакна дека е можно да се оствари решение, откако ќе помине изборната атмосфера во Бугарија.
Тој додаде дека причина за ваквата реторика од страна на Бугарија и блокадата која ни ја наметнаа на патот кон Европската Унија, се изборите кои напролет го очекуваат нашиот сосед, поради што, за жал, некогаш се прават и нерационални потези.
Премиерот истакна дека Европската Унија го признава и афирмира македонскиот јазик и македонскиот идентитет како додадена вредност на богатството од разноликост и никогаш останатите 26 немале проблем со тоа, при што нагласи дека токму затоа и инсистираме на тоа Бугарија да ја признае оваа реалност.
Воедно премиерот Заев наведе дека ги разбира критиките на граѓаните за донацијата од Бугарија на дел од нивните вакцини за КОВИД-19 по блокадата нашата земја, но секоја донација за вакви сериозни здравствени прашања е пријателски акт и неевропски би било ако не ја прифатевме.
Претседателот на Владата нагласи дека и покрај горчината остануваме посветени на градењето пријателство со Бугарија и на европската агенда.