„Човечкиот капитал, квалитетот на секој поединец во својата област, дополнително сакаме да го издигнеме како највисока општествена вредност. Добриот кадар во сите области, здравство, образование, социјала, кадарот во сите економски дејности, како и во култура, спорт треба да биде мотивиран и високо ценет. Успехот на секој поединец е и национален успех“, истакна премиерот Заев во интервју за годишното издание „Светот во 2021-та“ на угледниот британски магазин „Економист“, кој третпат излегува на македонски јазик.
Премиерот во интервјуто зборуваше за владините политики и фокусот на економијата за севкупен општествен развој и подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Во таа насока, премиерот Заев нагласи дека за сето тоа да се спроведува на здрави темели, потребно е стратешко планирање и искористување на сопствените ресурси.
„Идната година, после две децении одлагање, ќе го спроведеме пописот за општо добро и за планирањето на развојот на државата. Државниот завод за статистика непречено ги извршува сите подготовки за организирање на пописот во април 2021 година според меѓународните прописи и стандардите на ЕВРОСТАТ како статистичка операција која е важна за државата и граѓаните“, рече премиерот Заев.
Осврнувајќи се на КОВИД-19 и глобалната економија, премиерот Заев потсети на низа мерки за ублажување на последиците од здравствено-економската криза и дека најголем ефект е постигнат со мерката за скалесто субвенционирање на плати и бескаматните кредитни линии.
„Владата од март, од почетокот на КОВИД кризата, креираше четири пакети мерки, вредни 1,2 милијарди евра, за поддршка на компаниите и на граѓаните, кои се надоврзуваа еден на друг и ги рефлектираа реалните потреби на сите категории на граѓани и на стопанството. Со нивната имплементација се обезбеди сигурност и ликвидност на компаниите и се задржаа максимално можно работните места, се обезбеди одржлива домашна потрошувачка, која зафаќа најголем процент од бруто домашниот производ“, одговори премиерот Заев и потенцираше дека влезот во НАТО носи забрзан раст на инвестициите, раст на економијата и намалување на невработеноста, со стабилизирање на состојбата од пандемијата ефектите ќе бидат видливи.
Владата проектира удвојување на економскиот раст, од просечна стапка од 2-2,5% во изминатите 10 години да се стигне до 4-5% раст во наредниот период.
Целосното интервју за „Економист“ може да го прочитате на овој линк.