Министерството за образование и наука информира дека објавени се дополнителни конкурси за доделување на преостанатите ученички и студентски стипендии кои останаа недоделени по завршувањето на првично објавените конкурси за учебната, односно академската 2020/2021 година.
Конкурсот за доделување на стипендии на редовни студенти запишани на додипломски студии од прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во Република Северна Македонија е објавен на следниот линк. Истиот предвидува распределба на 318 стипендии за студенти од социјални категории, 64 стипендии за студенти кои оствариле висок просек во учењето и 21 стипендија за студенти запишани на студиски програми по математика, хемија и физика.
Додека, конкурсите за доделување на ученички стипендии се објавени на следниот линк и со истите е предвидено доделување на 25 стипендии за ученици – деца без родители, 10 стипендии за талентирани ученици и 20 стипендии за талентирани ученици – спортисти, запишани во јавните и приватните средни училишта во Република Северна Македонија.
Потенцијалните кандидати кои ги исполнуваат конкурсните услови, можат да одберат својата апликација заедно со сите потребни документи да ја доставатхартиено преку архивата на МОН, или пак, да аплицираателектронски преку интернет платформата www.konkursi.mon.gov.mk, најдоцна до 11.1.2021 година.
Упатството за електронско аплицирање може да се погледне тука. Напоменуваме дека апликацијата се смета за успешно поднесена откако ученикот, односно студентот по притискање на копчето „аплицирај“ ќе добие ИД (идентификациски број) на апликацијата.
За било какви дополнителни информации и поддршка, контактите на вработените во Секторот за ученички и студентски стандард, како и на сите останати вработени во МОН се објавени на овој линк.