Заев: Во 2020 ја одржавме македонската економија стабилна, жива и динамична, 2021 е година на економски раст

Претседателот на Владата на Северна Македонија Зоран Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими, на заедничка прес-конференција, се осврнаа на постигнатите резултати на економски план и на реализацијата на буџетот за 2020 година, а ги презентираа плановите и проекциите за 2021 година.

„И покрај сите предизвици со кои се соочивме, можам да кажам дека во 2020 година успеавме да го испорачаме тоа што им го ветивме на граѓаните. Изминатата 2020 нè научи дефинитивно да бидеме погрижливи, посолидарни и сплотени. Ни покажа дека кога има криза најважно е да сме здружени и да се потпираме едни на други. Затоа и Владата беше фокусирана на поддршка на секој граѓанин на кој му потребна потпора за да ја преброди кризата. И здравствено, и економски“, истакна премиерот Заев.

Како што подвлече премиерот Заев, инклузивниот процес за креирање на политики и мерки за поддршка на сите граѓани вроди со резултати.

„Годината ја завршивме со вкупни даночни приходи реализирани во износ од 189,8 милијарди денари или 96,7% од проектираните приходи. Директните даноците имаат остварување од 99,5% од планираното. Тука бележиме раст од 2,3% споредено со 2019 година. Да напоменам април, мај се правеа веќе претпоставки за 30, 40, па дури и до 50 % пад на вкупните приходи во државата. Исто така, забележан е позитивен тренд од јануари до декември и кај придонесите, кои на крајот на 2020 година изнесуваат 102%, односно 2% повеќе од планираното“, информираше премиерот Заев.

Дополнително, како што беше истакнато, вкупните расходи на буџетот во 2020 година се реализираа во износ од 243,7 милијарди денари или 96,4% во однос на годишно планираниот износ. Стоки и услуги се намалени на 85 % во ребалансот или помалку 5% од 2019 година што е доказ за штедливост во однос на трошењето на јавните пари.

Премиерот Заев се осврна и на економските пакет мерки, креирани како одговор на пандемијата предизвикана од КОВИД-19.

„Од почетокот на кризата, согласно потребите на граѓаните, креиравме четири пакети-економски мерки за поддршка на најпогодените од кризата, за што обезбедивме над 1,2 милијарди евра. Најважно од сé, на економски план се покажа дека борбата за спас на работните места е најправилната и најчовечната економска стратегија. И тоа даде резултат. И во време на пандемија обезбедивме ликвидност и опстанок на компаниите, задржувајќи ги работниците секаде каде што тоа е можно. Тој резултат обезбеди и одржлива домашна потрошувачка, која е најголем процент од Бруто домашниот производ“, наведе премиерот Заев и додаде дека сето ова е постигнато благодарение на вклученоста и консултациите на стопанските комори, синдикатите, академската фела и граѓанскиот сектор.

„Само со четвртиот пакет мерки се исплатени плати за над 60.000 работници месечно. Тоа се околу 18 милиони евра месечно, за околу 14.000 фирми и компании. Овие средства се враќаат повторно во стопанството. Со мерките беше обезбедена финансиска поддршка за околу 500.000 наши граѓани кои беа најпогодени со кризата преку директно префрлање средства на нивните сметки. Овие податоци покажуваат дека македонската економија е стабилна, жива и динамична. Не дозволивме потрошувачката да запре. Тоа е можно само ако добро се планира и само ако брзо и паметно се реагира во услови на криза. Ефектите се видливи“, нагласи претседателот на Владата.

Зборувајќи за плановите и зацртаните цели за 2021 година, премиерот подвлече дека годината што започна е година на економско заздравување.

„За 2021 проектиравме и огромна развојна компонента. Најголем дел од проектираните средства или 83% се расходи наменети за капитални проекти, конкретни проекти коишто живот значат за граѓаните. Тоа значи дека ќе продолжиме да инвестираме во патната и железничката инфраструктура, енергетиката, гасификацијата, градинките, болниците, училиштата и животната средина, комуналната инфраструктура како и во изградба на социјални станови“, наведе премиерот Заев и истакна дека како полноправна земја-членка на НАТО, со заштитен македонски идентитет и македонски јазик, продолжуваме по европскиот пат со развојни програми и проекти преку нашата „Акција 21- за европски стандарди дома“!

Министерот за финансии Фатмир Бесими, се осврна на економските резултати во 2020 година.

„Позитивниот импакт од реализацијата на мерките се покажа и преку севкупниот економски резултат, така што падот на БДП по високиот пад во вториот квартал кој изнесуваше -14,9% , во третиот квартал значително забави и изнесува - 3,3%“, истакна министерот Бесим осврнувајќи се на позитивниот резултат од владините антикризни мерки.

Министерот Бесими истакна дека овој пристап кон решавање на кризата дава резултати при што првичниот удар во првата половина на годината, во четвртиот квартал се отчитува тренд на подобрување.

„Кредитната поддршка продолжи и во ноември е забележан кредитен раст од 5,4% на годишна основа, како одраз на растот на кредитите и кон претпријатијата и кон домаќинствата. Продолжува и растот на платите во четвртиот квартал, со 8% годишен раст во октомври“, истакна министерот Бесими.

Тој наведе дека капиталните расходи во 2020 година имаат 80% од планираната реализација на капитални инвестиции што е подобра во однос на 2019 година кога беа реализирани 77,6% од планираните капитални расходи за таа година.

Воедно, министерот нагласи дека доброто водење на економските политики го препознаа реномираните агенциите за кредитен рејтинг и меѓународните финансиски институции.

Пред прес-конференцијата премиерот Зоран Заев оствари средба со министерот Фатмир Бесими, заменикот-министер за финансии Димитар Ковачевски и тим од Министерството за финансии на која беа разгледани аспекти од тековното функционирање на овој сектор. 


Премиерот Заев: Во 2020 година го испорачавме тоа што им го ветивме на граѓаните, 2021 е година на економско заздравување

Претседателот на Владата Зоран Заев на заедничката прес-конференција со министерот за финансии Фатмир Бесими ги соопшти остварените резултати на финансиски план во 2020 година, а воедно ги претставени плановите за новата 2021 година.  

Обраќањето на премиерот Заев во продолжение ви го пренесуваме интегрално:

„Изминатата 2020-тата нè научи дефинитивно да бидеме погрижливи, посолидарни и сплотени. Ни покажа дека кога има криза најважно е да сме здружени и да се потпираме едни на други. Затоа и Владата беше фокусирана на поддршка на секој граѓанин на кој му потребна потпора за да ја преброди кризата. И здравствено, и економски.

Уште поважно, 2020-та ни покажа дека инклузивното креирање на политиките и водењето грижа за потребите на луѓето, носат стабилност и раст на економски план.
И покрај сите предизвици со кои се соочивме, можам да кажам дека во 2020 година успеавме да го испорачаме тоа што им го ветивме на граѓаните.
Што тоа значи во бројки и проценти?

•      Вкупните даночни приходи во 2020 година се реализирани во износ од 189,8 милијарди денари или 96,7% од проектираните приходи.
•    Директните даноците имаат остварување од 99,5% од планираното. Тука бележиме раст од 2,3% споредено со 2019-та година.   Да напоменам април, мај се правеа веќе претпоставки за 30, 40, па дури и до 50 % пад на вкупните приходи во државата.
•    Позитивен тренд од јануари до декември бележиме и кај придонесите, кои на крајот на 2020-та година изнесуваат 102%, односно 2% повеќе од планираното.
•    Вкупните расходи на Буџетот во 2020 година се реализираа во износ од 243,7 милијарди денари или 96,4 % во однос на годишно планираниот износ. Стоки и услуги се намалени на 85% во ребалансот или помалку 5% од 2019 година што е доказ за штедливост во однос на трошењето на јавните пари.
•    Позитивни бројки бележиме и кај капиталните расходи. Тие минатата година изнесуваа 16,1 милијарда денари или 82% од планираната реализација.
•    2020 година ја завршивме со буџетски дефицит од 53,9 милијарди денари или 8,1 проценти од проектираниот БДП. Во буџетот тој беше номинално проектиран на 8,5 %.
Сите се вклучија за да го постигнеме ова. Ги консултиравме стопанските комори, синдикатите, академската фела и граѓанскиот сектор. И тоа даде резултат. И во време на пандемија обезбедивме ликвидност и опстанок на компаниите, задржувајќи ги работниците секаде каде што тоа е можно. Тој резултат обезбеди и одржлива домашна потрошувачка, која е најголем процент од Бруто домашниот производ.

Од почетокот на кризата, согласно потребите на граѓаните, креиравме четири пакети-економски мерки за поддршка на најпогодените од кризата, за што обезбедивме над 1,2 милијарди евра.

Најважно од сé, на економски план се покажа дека борбата за спас на работните места е најправилната и најчовечната економска стратегија.

Само со четвртиот пакет мерки се исплатени плати за над 60.000 работници месечно. Тоа се околу 18 милиони евра месечно, за околу 14.000 фирми и компании. Овие средства се враќаат повторно во стопанството.

Со мерките беше обезбедена финансиска поддршка за околу 500.000 наши граѓани кои беа најпогодени со кризата преку директно префрлање средства на нивните сметки.

Овие податоци покажуваат дека македонската економија е стабилна, жива и динамична. Не дозволивме потрошувачката да запре. Тоа е можно само ако добро се планира и само ако брзо и паметно се реагира во услови на криза. Ефектите се видливи.

Веќе во третото тримесечје од 2020 година, после 14,9 % пад на БДП во второто тримесечје, го ублаживме падот на износ од -3,3 %.

Според податоците од УЈП, Данокот на додадена вредност во бруто износ само за декември 2020 година е наплатен 7 милијарди и 145 милиони денари, а во 2019 година во декември кога немаше ковид криза 6 милијарди и 840 милиони, односно остварен е бруто приход за  4, 45 % во декември 2020 однос на декември 2019 година. Персоналниот данок на доход само во декември 2020 година е 2 милијарди и 676 милиони како податок од УЈП, а декември 2019 година бил 2 милијарди и 308 милиони, односно има 15,95 % поголема наплата на персонален данок на доход во декември 2020 во однос  на декември 2019 година кога немаше ковид криза.

Данокот на добивка со сите овозможени и дозволени аконтации, сепак со определба кај самите компании аконтациите да си ги плаќаат, е наплатен во УЈП со 928 милиони денари во декември 2020 година за разлика од декември 2019 година кога е 892 милиони, односно за 3,27 % повеќе.

Зошто ја правам оваа споредба со декември! Бидејќи ова е најсилниот аргумент дека се враќа економијата, дека е стабилна и ги поминува бројките во делот на наплатата на даноци споредбено со декември 2019 година во  декември 2020 година. И тоа само покажува дека мерките биле вистински, дека е поддржана потрошувачката моќ на граѓаните, дека се зачувани работните места, дека е поддржана најсиромашната класа во државата, а тоа го гледаме преку Данокот на додадена вредност кој е данок на крајните потрошувачи. Компаниите плаќајќи ги и личните доходи на работниците, како и Данокот на добивка исто така покажуваат стабилност.   Ова е еден од најсериозните аргументи дека финансиската и економската политика на Владата ги дава резултатите.

Сето ова е убав податок за завршеток на една ваква тешка година каква што беше 2020-та, како основ за  да ја почнеме надежната, нова 2021 година како година на рестарт.

Почитувани,

Кризата со пандемијата ни укажа дека влогот во инфраструктурата, болниците, градинките, училиштата, патиштата, и пред се влогот во човечкиот капитал, е одлична економска стратегија. Оваа Влада е препознаена по тоа што најмногу вложува во луѓето. Луѓето, нашите граѓани, нашиот народ, се нашиот најголем капитал. Колку повеќе и паметно вложуваме во граѓаните, толку побрзо ќе ни расте економијата.

2021 година е година на економско заздравување.

Буџетот за 2021 година е составен дел на среднорочната буџетска рамка и процесот на среднорочно планирање 2021-2025. Овој буџет е значаен придонес кон Стратегијата за економско заздравување и забрзан раст кој се состои од четири столба:

1.       Економско заздравување од КОВИД-19,
2.      Забрзан, инклузивен и одржлив економски раст,
3.      Зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор, и
4.      Развој на човечките ресурси и еднакви можности, преку кои ќе се обезбеди макроекономска стабилност и финансиска одржливост, заздравување на економијата и забрзување на економскиот раст.

Во 2021 година обезбедуваме одржливост, рационализирање на трошењата преку оптимизација на расходите на јавната администрација, дигитализација на јавните услуги, како и прецизни проекции со цел ефикасно справување со епидемијата.
Дополнително, обезбедена е буџетска резерва и во случај на продолжено траење на пандемијата.

За 2021 проектиравме и огромна развојна компонента.

Најголем дел од проектираните средства или 83 проценти се расходи наменети за капитални проекти, конкретни проекти коишто живот значат за граѓаните.

Тоа значи дека ќе продолжиме да инвестираме во патната и железничката инфраструктура, енергетиката, гасификацијата, градинките, болниците, училиштата и животната средина, комуналната инфраструктура како и во изградба на социјални станови.

Клучен капитален проект е Коридорот 8 - главната артерија која и инфраструктурно ја поставува Северна Македонија како крстопат помеѓу соседите, а ги поврзува Црното со Јадранското Море. Капиталните инвестиции се планирани на ниво од околу 23 милијарди денари или за 20% повисоко во однос на планот за 2020 година.
2021 е година на новата македонска енергетика. Движејќи се кон енергетската транзиција, ја следиме европската енергетска иднина, за што имаме и огромна поддршка од нашите партнери ЕУ, НАТО и САД, преку нивните фондови и развојни агенции.

Како полноправна земја-членка на НАТО, со заштитен македонски идентитет и македонски јазик, продолжуваме по европскиот пат со развојни програми и проекти преку нашата „Акција 21- за европски стандарди дома“!

Почитувани граѓани,

Во Новата 2021 година, сите сме надежни дека пандемијата ќе стивнува и дека постепено ќе се враќаме кон вообичаениот начин на живот.

Во Новата Година повторно ќе вложуваме во нашиот народ, ќе помагаме на најпогодените  од пандемијата. Државата е тука, да помогне на сите на кои им треба помош и да ги зачува работните места.

Буџетот е избалансиран, со фокус на здравствениот систем, економијата, капиталните инвестиции, системската функционалност и реформите во правосудството и евроинтеграциите.

Имаме одговорно планиран буџет, скроен за да одговори на предизвиците во претстојната година.

Со подобар стандард ја носиме Европа дома, а тоа значи подобар живот за секој  граѓанин, за секој поединец во Северна Македонија.

2021 година е година на вистински предизвика, година  на заживување на економијата, година на квантен економски скок за сите граѓани“.