Потпишан Меморандум за соработка меѓу МЖСПП и Црвениот крст

Министерството за животна средина и просторно планирање и Црвениот крст денеска потпишаа Меморандум за соработка со кој ќе му се помага на населението преку преземање превентивни мерки за намалување на ранливоста при екстремно високи и ниски температури.

Преку документот се очекува да биде подигната јавната свест и едукација на населението и пружање помош на институциите и организациите од јавен интерес.

- МЖСПП е одговорен орган на државната управа за координирање на активностите во областа на климатските промени. Но, за намалување и адаптирање кон климатските промени, неопходна е координирана и сеопфатна активност со вклучување на сите релевантни институции и расположливи ресурси, рече ресорниот министер Абдилаќим Адеми по потпишувањето на Меморандумот.

Нашите досегашни заложби, нагласи министерот, се раководат од целите и принципите на Рамковната конвенција на ОН за климатските промени. Тој очекува со потпишувањето на Меморандумот да се продлабочи меѓусебната соработка, внатрешната поддршка и соработката со други институции и организации.

Адеми додаде дека предвидено е и назначување одговорни лица задолжени за следење на заедничките реализирани активности од двете страни и оти МЖСПП во наредниот период ќе го изработува Третиот национален извештај во кој Црвениот крст ќе биде рамноправен партнер.

Генералниот секретар на Црвениот крст Саит Саити рече дека се очекува со Меморандумот да се унапреди досегашната соработка со МЖСПП.

- Црвениот крст во последниот период високо на својата агенда на делување ги има прашањата поврзани со климатските промени кои предизвикуваат здравствени и хуманитарни проблеми и последици како појава, нагласи Саити.