Попоски: Деблокадата на интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ, ќе помогне и за името
Македонија ги исполни сите услови за членство во НАТО и за почеток на преговорите со ЕУ, а единствена причина зошто тоа не може да го реализира е нелегалната блокада од Грција што беше потврдено и со пресудата на Меѓународниот суд на правдата, истакна министерот за надворешни работи Никола Попоски на конференцијата за македонските евро и евроатлантски перспективи, што се одржа денеска во Парламентот во Копенхаген, во организација на Данското европско движење.
Судот во Хаг, посочи Попоски, одлучи дека Грција ја прекршила билатералната Привремена спогодба со блокирањето на членството на Македонија во НАТО на Самитот во Букурешт во 2008 година и ние очекуваме пресудата да не биде игнорирана од сојузниците во Алијансата.
- Веруваме дека пресудата обезбедува една нова правна димензија за отстранување на пречките за зачленување на Македонија во НАТО и можност за нов пристап од сојузниците. Очекуваме НАТО членките да ги преиспитаат своите позиции во однос на членството на Македонија, овојпат без влијание од нелегалниот акт што го направи Атина. Треба да се земе предвид и ставот на Судот дека Македонија никогаш не ги нарушила принципите на добрососедски односи, рече шефот на македонската дипломатија.
Македонија, истакна Попоски, останува силно посветена на изнаоѓањето заедничко прифатливо решение за разликите со Грција околу името и ќе продолжи да учествува со добра волја и конструктивно во преговорите што се водат под покровителство на ОН. Но, за жал, посочи, другата страна не ги дели македонските заложби. Напротив, новата техничка грчка влада манифестираше недостиг на волја да се ангажира во решавањето на ова политичко прашање тврдејќи дека нејзиниот мандат е примарно економски, што беше потврдено и за време на неодамнешните средби со посредникот на ОН Метју Нимиц, забележа македонскиот министер за надворешни работи.
- Во пресрет на Самитот на НАТО во Чикаго, Македонија очекува хашката пресуда да не биде игнорирана, а одложената покана за членство да биде ефектуирана. Ги исполнивме сите потребни критериуми за членство, а нашето учество во НАТО операциите високо се цени. Македонија е петти најголем контрибутор по глава на жител во операциите на Алијансата вклучувајќи ги и државите членки. Во повеќе прилики НАТО сојузниците потврдија дека Македонија заслужува да биде членка и оти треба да биде примена што е можно побргу, рече Попоски.
Време е, нагласи, да се донесат одлуки базирани на стратегиска визија и долгорочни бенефити како за НАТО, така и за Грција, која со приемот на Македонија ќе добие земја членка на Алијансата на својата северна граница. - Затоа се надеваме дека завршниот документ на претстојниот Самит на НАТО нема да биде само повторување на зборовите од претходните самити туку ќе ја рефлектира новата реалност и ќе резултира со покана за Македонија, рече Попоски.
Осврнувајќи се на процесот на евронтеграција, тој потсети дека Македонија е земја кандидат за членство во ЕУ повеќе од шест години, а три години по ред добива препорака од Европската комисија за отворање на на пристапните преговори, кои не почнуваат, повторно, само поради блокадата од Грција.
- Очекуваме Советот на ЕУ за време на данското претседателство конечно да ја прифати трипати повторената препорака од ЕК за почеток на пристапните преговори со Македонија. Сметаме дека преговорите треба да ги почнеме во јуни заедно со Црна Гора, бидејќи нема ниту еден валиден аргумент тоа да не се случи, оцени Попоски.
Укажа дека одложувањето на стартот на преговорите поради билатералниот спор со Грција за името значи кршење на меѓународното право и непочитување на одлуката на Судот во Хаг.
- Почнувањето на преговорите може само дополнително да помогне за решавање на прашањето за името. Историјата на проширувањето на ЕУ потврдува дека пристапните преговори резултирале со решенија за некои билатерални прашања, а последен пример е спорот меѓу Словенија и Хрватска. Македонија и Грција со поддршка на ЕУ можат да го следат овој позитивен модел. Со користење на европската методологија и отворање на пристапните преговори ќе се создаде позитивна клима на меѓусебна доверба за конечно решавање на билатералните разлики, во духот на европската соработка. Отворањето на преговорите ќе и овозможи на Македонија да го продолжи својот демократски и социјален развој со поголема мотивација, а ќе има позитивно влијание и врз реформите, меѓуетничката кохезија, како и врз регионалната стабилност, рече Попоски.
Македонија, нагласи, не бара пократок пат до ЕУ, туку фер одговор за сработеното. - Секое натамошно одложување на процесот ќе има демотивирачки ефекти особено меѓу младите кои сакаат да ја видат Македонија како модерно општество интегрирана во Европа со изобилство на можности да ги изразат своите креативни и работни способности. Длабоко сум убеден дека натамошното проширување на ЕУ со земји кои ги исполнуваат копенхашките критериуми вклучувајќи ја и Република Македонија, ќе значи силен имплус за натамошен развој на ЕУ, заклучи министерот за надворешни работи Никола Попоски на конференцијата во Копенхаген.