Членовите на Координативното тело за имплементација на Националната стратегија „Едно општество и интеркултурализам“ денеска преку видео-конференциска врска одржаа конститутивен состанок на кој се запознаа меѓусебно поради менувањето на дел од членовите по формирањето на новата Влада.
Координативното тело беше задолжено за изготвување на Стратегијата, која е изготвена преку широк партиципативен процес во којшто учествуваа над 140 невладини организации, домашни експерти и претставници на клучните институции коишто оваа Стратегија ги опфаќа.
Стратегијата е усогласена со меѓународните конвенции, стандарди и особено со препораките на клучните меѓународни организации, како Европската Унија, Советот на Европа и неговите тела и на политичките определби на ОБСЕ и „Насоките од Љубљана за интеграција на разнолики општества“ на Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ од 2012 година.
Стратегијата опфаќа седум области-кластери кои имаат клучно значење за интеркултурализмот, односно правна рамка, образование, медиуми, култура, општествена кохезија, млади и локална самоуправа.
На состанокот се разговараше за динамизирање на активностите во насока на понатамошна работа и поефикасна имплементација на Стратегијата, која е документ кој прв пат е подготвен во Северна Македонија и е од особено значење за зајакнување на процесите на комуникација и соработка помеѓу различните култури и заедници, во насока на создавање на еднакво општество.
Состанокот го водеше претседателот на Координативното тело за изготвување и следење на имплементација на Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам, Роберт Алаѓозовски а присуствуваа заменик-претседателот, замениците-членови и секретари на Телото, како и претставник на Мисијата на ОБСЕ.
Претседателот Алаѓозовски го презентираше Извештајот за преземени активности предвидени во Националната стратегија за развој на концептот „Едно општество и интеркултурализмот“, при што беа истакнати реализираните клучни активности во т.н. кластери согласно Акцискиот план, и покрај како што беше нагласено, здравствено-економската криза, како и периодот на распишувањето на предвремените парламентарни избори во февруари, поради што се работеше со намален институционален капацитет.
Беше посочено дека во делот на образованието се реализирани низа активности во соработка со партнери како ОБСЕ, Фондацијата Отворено општество и Нансен дијалог центарот, преку обезбедување интеракција меѓу учениците од различни етнички заедници и различни наставни јазици во основното и средното образование, како и организирање заеднички наставни активности по најмалку два различни предмети во училиштата, како и подготовка на упатство за организирање на заеднички наставни активности.
Во оваа насока се и зголемена соработка на наставниците што предаваат на различни наставни јазици, зајакнување на компетенциите на наставниците за работа во интеркултурна средина, нивна обука за стекнување компетенции за работа во мултикултурни средини преку заеднички наставни/вон-наставни активности и зголемена соработка на релација училиште -родители – ученици. Организирани и реализирани се повеќе заеднички работилници со ученици и родители од различни наставни јазици во повеќе јазичните училишта.
Во кластерот Локална самоуправа е остварена приоритетната цел со воспоставување функционални механизми за соработка и разбирање меѓу заедниците во единиците на локалната самоуправа, подготвени се анализи за функционирање на месните, односно урбани заедници за подобрување на функционалноста на месната самоуправа.
Направено е мапирање на услугите кои се во надлежност на општините и нивно инкорпорирање во Каталогот на услуги што ги обезбедува јавниот сектор, од страна на Министерството за информатичко општество и администрација. Извршено е обезбедување на услови за физички пристап до сите јавни објекти во ЕЛС за лицата со попреченост, како и зајакнување на капацитетите на јавната администрација за комуникација и пристап до информации од јавен карактер за лица со попреченост.
Има подготвено видео прирачник за информирање на лица со попреченост за користење на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер и се спроведени обуки во Североисточниот и во Источниот плански регион.
Во областа Култура извршено е и усогласување на стратегиите, културните политики и други јавни и оперативни документи со стратегијата, прифаќање на принципите, политиките и платформата ИГ и обезбедено е членство во оваа меѓународната мрежа на ИГ. Создадени се критериуми и приоритети за интеркултурен дијалог во конкурсот на Министерството за култура.
Во кластерот Млади беше позитивно оценето учеството, преку формирана меѓуресорска група во изготвување на Закон за млади која ќе работи на процесот на дисеминација и примена по носење на Законот во однос на интеркултурализмот и интеркултурното учење.
Во кластерот Правна рамка е реализирана активноста поврзана со донесување на Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени, со кој се обезбедува пристап до социјална заштита, здравствена заштита, право на образование и право на вработување на оваа категорија граѓани, која до негово донесување, беше надвор од системот.
На денешната средба членовите на Координативното тело за имплементација на Националната стратегија „Едно општество и интеркултурализам“ изразија задоволство и два готови проекти во рамки на комплементарните мерки, кои се однесуваат на изготвена дата база на домашни и меѓународни проекти релевантни за Стратегијата, која набрзо како онлајн база ќе биде промовирана. Овде спаѓа и изготвувањето на онлајн курсеви за јавна администрација со два модули, за основен и напреден степен. Овие курсеви се со цел унапредување на компетенциите за интеркултурна комуникација и управување со различностите во јавниот сектор.
Координативното тело за имплементирање на Националната стратегија „Едно општество и интеркултурализам“ продолжува со редовните неделни состаноци, со цел реализирање на активностите од Акцискиот план.