Премиерот Заев во емисијата „Трилинг“ најави дека идната недела се очекуваат првите информации за првите количини преку КОВАКС системот, како и дека во февруари се очекуваат вакцините кои се договорени директно со компанијата „Фајзер“.
„Европската Унија развива механизми како да час поскоро ни потврди и јас морам да изразам разбирање, како што сум давал и критики, за неисполнувањата на очекувањата на произведени количини од компанијата „Фајзер“, кога земјите кои требаа да добијат во просек 100 единици, добија 12-13 единици, во првиот турнус, во вториот исто така се намалени количините“, рече премиерот објаснувајќи дека тоа е причината за неможноста европските земји да споделат вакцини со земјите од Западен Балкан како што беше замислено, односно пет проценти од добиените количини.
„Темата за вакцините го окупира целиот свет не само нас. Дефинитивно имаме непријатно чувство заради тоа што целиот Западен Балкан заостанува, освен Србија којашто нема аспирации за НАТО и нормално повеќе е отворена кон источниот свет Кина и Русија и прави договори со нив. Ние сме нова членка на НАТО, генерално се држиме кон западниот свет и вакцините потврдени од тамошните здравствени институции“, оцени премиерот Заев додавајќи дека централата на „Фајзер“ за Југоисточна Европа е во Белград и затоа српските граѓани добија одредена количина вакцини од оваа компанија.
Информирајќи дека е во постојан контакт со властите во Србија, претседателот на Владата Заев рече дека очекува првите 2-3.000 вакцини, од договорените 8.000 дози од српска страна, да стигнат во најскоро време, објаснувајќи дека тоа ќе се оствари откако ќе се добијат потребните одобренија од компанијата.
„Она што е точно и треба да го знаат граѓаните е, дека првпат во секоја земја, мора да влезе вакцината за да се регистрира, не може тоа порано да се направи“, истакна премиерот Заев, кој додаде дека тој самиот очекува секој ден да се добие одобрение од централата во Њујорк, „Фајзер“ да одобри српската Влада да ги достави вакцините и тоа на транши заради специфичниот транспорт.
Премиерот Заев информираше дека нашата земја е целосно подготвена со обезбедени ладилници за вакцините и веќе е изграден системот за вакцинација и тоа ќе бидат прво медицинските работници од КОВИД болниците кои се 7.850, останатиот медицински персонал, хронично болните, возрасните луѓе.