Монгани Вали Сероти добитник на „Златен венец“ на 51. Струшки вечери на поезијата

Јужноафриканскиот поет Монгани Вали Сероти е добитник на годинашниот „Златен венец“ на 51. Струшки вечери на поезијата, соопшти денеска на прес-конференција раководството на фестивалот.

Роден е во 1944 година во Јоханесбург, творечки се развивал во апартхејдот и како автор се посветил на неправдите и суровата реалност на црнците и нивната култура.

- Чест и привилегија ми е што вашата манифестација донела одлука да ме одликува со престижната награда „Златен венец“... Живеете во многу убава и историски многу просветителска земја, а наградата е навистина престижна судејќи по тоа кои биле досегашни добитници. Вистина е дека Македонија се смета за светска поетска престолнина. Сигурен сум дека моето доаѓање таму ќе биде посебно и трајно искуство, а исто така ќе ме збогати како личност, напишал лауреатот во своето обраќање по повод добивањето на наградата.

Раководството на СВП го соопшти и добитникот на наградата „Мостови на Струга“ за најдобар поет-дебитант која фестивалот ја доделува заедно со УНЕСКО. Таа ќе му припадне на францускиот поет Франсоа-Ксавие Мегр, роден 1982 година.

- Овие автори ќе бидат дел од годинашното големо творечко градилиште, како што ги нарекува Струшките вечери големиот француски поет Жак Горшон, и заедно со останатите поети ќе му испратат на светот срдечни и пријателски пораки на сите јазици и писма, рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Таа му се заблагодари на досегашниот директор на СВП Данило Коцевски кој заминува во пензија, а тој рече дека во изминатите четири години сакале да внесат многу новини во фестивалот.

- Сакавме да соработуваме и со што повеќе светски имиња и организации и воспоставивме широка мрежа во која се Светскиот поетски конгрес и Европската поетска асоцијација. Тоа е сигурна база врз која стојат Струшките вечери на поезијата и ќе се развиваат во иднина, рече Коцевски.

Одлуките за годинашните добитници на наградите на СВП ги прочита претседателот на Управниот одбор на фестивалот Славе Ѓорго Димоски кој рече дека и оваа година манифестацијата ја исполнува својата задача преку различностите да се зачува духовното единство на светот.