Во 10 училишта во општина Чаир се поставени вкупно 1950 заштитни паравани на ученичките клупи, со цел зголемување на заштитата од Ковид-19 за учениците кои посетуваат настава со физичко присуство. Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска го посети ООУ „Хасан Приштина“, каде воспитно-образовната дејност се организира на два наставни јазици, македонски и албански.
Царовска рече дека наставата и во второто полугодие продолжува со комбинираниот модел, кој успешно се реализираше во првото полугодие, a се покажа оправдан и од здравствен аспект.
„Како Влада и како министерство се обврзавме дека ќе одиме чекор по чекор во обезбедување на квалитетно образование за секој ученик и токму оваа инвестиција го покажува тоа. Сметам дека со заедничка соработка, општините заедно со МОН, можеме да постигнеме навистина подобри резултати во основното и средното образование. Она што е исклучително важно е што и во време на пандемија обезбедивме континуитет на наставата за сите ученици на хибриден начин. Успеавме да одржиме посебно низок процент на позитивни случаи во првото полугодие на наставници и ученици од оние кое беа со физичко присуство. Очекувам тој тренд да се задржи и во второто полугодие и очекувам и учениците и наставниците и родителите да ги почитуваат протоколите. Со оваа инвестиција дополнително го заштитуваме здравјето и на учениците и на наставниците“, изјави Царовска.
Со комбинираниот модел на настава, во првото полугодие над 90 проценти од учениците успешно следеа онлајн настава и имаше помалку од 1 процент активни случаи со Ковид-19 на наставници и ученици од оние кое беа со физичко присуство. Учениците без уреди, според однапред утврден распоред, следеа часови на македонски и албански јазик на НТВ, а наставниците им доставуваа материјали и го следеа совладувањето на материјалот.