Со надградбата на Канцеларијата на Обединетите Нации за дрога и криминал (UNODC) во Скопје, од Проектна во Програмска Канцеларија, практично се отвори патот наместо фокусирање на еднократни проекти, да се концентрираме на организирање, изготвување, реализирање и координирање на портфолио на долгорочни проекти, програмирани согласно нашите заеднички интереси и потреби“. Ова, меѓу другото, го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски при денешното потпишување на Писмото за спогодба помеѓу Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Канцеларијата на Обединетите Нации за дрога и криминал (UNODC) околу реализацијата на заеднички проекти на двете институции за подигање капацитетите и ефикасноста на граничната контрола и безбедност, насочен кон борбата против транснационалниот криминал и тероризмот. На настанот, потпишувањето на Писмото за спогодба, што се одржа во Владата на Република Северна Македонија, присуствуваше и заменик на претседателот на Владата за борба против корупцијата, за одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, на видео линк од Виена беше вклучен директно и Џон Брандолино, Директор на Одделот за договорни прашања на Канцеларијатa на Обединетите нации за дрога и криминал во Виена, потписник на писмото за спогодба, а на настанот присуствуваше и Бил Вуд, шеф на Канцеларијата на УНОДЦ во Скопје и регионален советник за организиран криминал.
Министерот Спасовски потенцирајќи дека со спогодбата Северна Македонија и UNODC, и формално се согласуваат да спроведат два проекти на оваа канцеларија на ОН во нашата држава, нагласи дека – “пред нас претстои период на интензивна соработка во правец на формирање на аеродромска меѓу-агенциска група составена од единица за контрола на воздушни карго-пратки и заедничка аеродромска единица за пресретнување на Меѓународниот аеродром Скопје, како и создавање на неопходна инфраструктура за аеродромската група: определување на службеници на институциите на спроведувањето на законот со надлежност на границите кои ќе бидат дел од таа единица и уште многу други активности во насока на осигурување ефективно и ефикасно функционирање на оваа мулти-агенциска единица“. “Овие активности, несомнено и во голема мера ќе придонесат кон натамошно зајакнување на перформансите на органите за спроведување на законот во борбата против транснационалниот организиран криминал и тероризмот во Република Северна Македонија и ќе имаат значаен ефект за зајакната гранична безбедност и генерална безбедност, како на национален, така и на регионален план“, истакна министерот Спасовски.
Заменик на претседателот на Влада, Николовски, пак, од своја страна упатувајќи честитки за потпишувањето на оваа исклучително важна спогодба, како дел од институционалните напори и активности во севкупното подигање на капацитетите и стандардите на борба против криминалот на органите надлежни за спроведување на законите, потенцираше дека - “за нас како држава, е од особено значење поддршката и помошта од Канцеларијата за борба против криминал и дрога при Обединетите Нации, што ќе ја добиеме преку предвидените координирани активности во спречување на меѓународниот криминал и тероризам“.
Според Николовски, станува збор за глобален проект – “бидејќи во овој проект досега се вмрежени 34 аеродроми, не само во регионот туку и на останатите континенти. Проектите давaат успешни резултати секаде во светот, очекувам и кај нас да има ефикасна реализација, со брзо видливи резултати“, истакна Николовски.
Покрај ова заменик на претседателот на Владата , Николовски нагласи дека – “борбата против корупцијата и криминалиот е вториот врвен приориетет во владината рамка „Акција 21- европски стандарди дома“. Преку конкретни мерки и политики, ќе се фокусираме на спречување на корупцијата и криминалот, во секоја сфера од општеството, вклучително и на мерки за сузбивање на меѓународниот криминал и тероризам. Затоа во целиот процес, ни е важна секоја помош и поддршка, не само домашна, туку и странска експертиза“.
Инаку Писмото за спогодба се однесува на две програмски активности – првата, осмислена како Проект за комуникација на аеродромите кој има за цел воспоставување оперативна комуникација во реално време меѓу аеродромите заради спречување и борба против транснационалниот криминал и тероризам; и втората - Програма за контрола на контејнери со цел градење капацитети за управување со ризик, безбедност на синџирот на снабдување и олеснување на трговијата на пристаништата, аеродромите и копнените гранични премини од аспект на спречување прекугранично движење на недозволенa стока.
Потписникот на писмото за спогодба, Директорот на Одделот за договорни прашања на Канцеларијатa на Обединетите нации за дрога и криминал во Виена, Џон Брандолино преку видео врска во своето поздравно обраќање изрази благодарност до Владата на Република Северна Македонија за пристапувањето кон „Проектот за комуникација на аеродромите (AIRCOP) – Воспоставување оперативна комуникација во реално време меѓу аеродромите заради спречување и борба против транснационалниот криминал и тероризам“, со уверување дека имплементацијата на овој проект ќе даде одлични резултати и во Република Северна Македонија.
Директорот Брандолино во оваа прилика ја искажа подготвеноста на УНОДЦ за идната поддршка на Република Северна Македонија во борбата против транснационалниот криминал и тероризам , во делот на обезбедување активности за градење на капацитетите на персоналот на аеродромската група, како и на одреден број вработени од други државни и цивилни служби кои работат на аеродромот, со цел откривање и пресретнување на високоризични патници заради спречување недозволена трговија преку воздушниот сообраќај.