Министерот Попоски на конференција за франкофонија во Копенхаген
Република Македонија ги признава основните принципи на франкофонијата и го зазема своето заслужено место во големото франкофонско семејство од 2006 година. Францускиот јазик е дел од нашата историја и претставува составен дел од нашата европска иднина.
Ова го истакна министерот за надворешни работи Никола Попоски на отворањето на конференцијата „XI франкофонски денови“, што се одржа во Копенхашкиот универзитет, по повод Меѓународниот ден на франкофонијата.
Осврнувајќи се на Меѓународната организација на франкофонијата (МОФ), која постои повеќе од четириесет години, Попоски рече дека таа во последната деценија им го има посветено целото внимание на главните политички и економски предизвици со кои се соочува светот, покажувајќи ја притоа својата динамичност и модернизација.
- Вредностите и принципите на акцијата на франкофонијата се универзални и нас не поттикнува да посветиме уште повеќе енергија во зачувувањето и промоцијата на различноста на културниот и јазичниот идентитет на земјите-членки кои несомнено се едни од клучните елементи за нејзината видливост и углед во светот кој станува се повеќе глобализиран, нагласи Попоски.
Во оваа смисла, додаде Попоски, ние целосно го одобруваме патот на генералниот секретар на МОФ Абду Диуф, кој верува дека само јазичниот и културниот идентитет е еден од главните предизвици на овој век.
Меѓународниот ден на франкофонијата се одбележува секоја година на пет континенти каде се проценува дека францускиот јазик го говорат повеќе од 220 милиони луѓе.
Со обраќањето на конференција, шефот на македонската дипломатија денеска ја заврши дводневната посета на Данска.