„Ветувањата за кои нè обвинувате, се ветувања на ЕУ. Пред мене ја имам одлуката од март 2020 година, каде се вели: „Европскиот совет одлучи да отвори пристапни преговори со Република Северна Македонија“, без да има дополнителна страна со услови. За Албанија се вели: „Одлучи да отвори пристапни преговори Република Албанија“, со дополнителна страна со услови кои што нашите пријатели од Тирана ги исполнија, и мислам дека со право оваа година ќе очекуваат отворање на пристапните преговори“, истакна заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров на седницата по повод интерпелацијата за неговата работа што ја поднесоа група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањето дека Преспанскиот договор бил потпишан вон Уставот и Законите.
„Значи, и ветувањата се одлуки, не само изјави, и ги има во документи на ЕУ. Точно и јасно се знае дека причините, кабаетот, не е на македонската страна. Дури во овој судир опозиција – власт што е апсолутно легитимен и го разбирам, ја обвинивте нашата политика дека недоволно внимава на добрососедството. Мислам дека имаме апсолутно право врз основа на тоа што го постигнавме, да тврдиме дека низ целиот Балкан шириме еден нов европски приод кон добрососедството, дека добрата вест за една, е добра вест за целиот регион. Меѓутоа добрососедството е двонасочна улица, и кога од другата страна недостасува повеќе почит и разбирање за тоа што е важно за соседот, тогаш проблематично е, како тоа добрососедство ќе се разбира. Ние нема да дигнеме раце, ќе бидеме упорни, и ќе ги исполниме и двете битни работи, и „македонскиот идентитет“ што е апсолутно наша работа, и европската иднина, и добрососедството со соседна Бугарија. Ќе бидеме европски соседи како што недоликува во 21 век“, нагласи заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров.