Николовски, Нуредини и Петровска во посета на Долно Коњари: Нема компромис кога е во прашање загрозувањето на животната средина и условите за живот

Заменикот на Претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, заедно со министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини и директорката на Државен Инспекторат за животна средина планирање, Ана Петровска, денеска беа во посета на локацијата во скопско Долно Коњари каде што се врши ископ на песок и чакал.

Прелиминарните анализи на Управата за хидрометеоролошки работи, покажуваат голема веројатност дека концесијата на правниот субјект ЕУРО ПРОГРЕС ДООЕЛ с. Долно Коњари Петровец, е издадена спротивно на Законот за води, односно дека границите на концесијата се во зоната на плавење на реката Пчиња.

Вицепремиерот Љупчо Николовски посочи дека како координатор на инспекциските служби, детално е запознат со случајот од страна на ресорното министерство и надлежниот инспекторатот, се во постојна комуникација и координација, со цел детално да се истражи случајот и да се постапи согласно законите и правилниците.

„Законите мора да се почитуваат, никој не е над законот, мора да има ред и дисциплина, особено кога се работи за нешто што влијае врз загрозување животната средина и крајно врз безбедноста и здравјето на граѓаните.

 Заштитата на животната средина и условите за живот во секој регион од нашата држава е врвен приоритет на Владата. Борбата за заштита на животната средина е заедничка, и нема компромис за секој оној којшто ќе влијае врз загрозување на животната средина и на условите за живот. Нема ништо поважно од граѓаните да имаат достојни и безбедни услови за живот, да живеат во чиста и здрава животна средина“, изјави Николовски.

Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, истакна дека Министерството му дава целосна поддршка на Државниот инспекторат за животна средина и согласно наодите од извршените координирани инспекциски контроли чие комплетирање се очекува, ќе бидат преземени заедно со Владата потребните мерки за разрешување на случајот.

„Работиме заедно со Државниот инспекторат за животна средина на начините со кои ќе можеме соодветно да ја провериме и адресираме состојбата со водите на лице место преку инспекторите за животна средина, а соработуваме и со Техничката инспекција, која е надлежно тело за овие концесии. Оваа координирана активност помеѓу Министерствата и Инспекторатите, како и релевантните стручни лица и управи, е добар пример како треба да се работи на сите прашања во земјата, доколку сакаме да се имплементираат потребните еколошки стандарди“, изјави Нуредини.

Директорката на Инспекторатот за животна средина планирање, Петровска, посочи дека за да имаат правна важност, податоците од УХМР ќе треба да се потврдат со дополнителни мерења и вештачења, кои што ќе се реализираат во натамошната инспекциска постапка, но не дека не се очекува да има разлики помеѓу овој прелиминарен наод и натамошните подетални истражувања.

„Утврдена е уште една недоследност при доделувањето на Дозволата за експлоатација во 2019 година. Државниот инспекторат за животна средина ќе продолжи со собирање докази со цел преиспитување на Договорот за концесија, односно Дозволите за експлоатација и ќе го извести Министерството за економија за индициите околу прекршувањето на Законот за води. Ќе се побара и подготовка на нов елаборат за блок Б, со оглед дека постоечкиот не е усогласен со важечкиот Правилник.

Додека да се изработи и одобри Елаборатот, ќе се побара од Државната техничка инспекција да наложи прекин на работите на Блокот Б“. За индициите околу прекршувањето на Законот за води ќе го информираме и Министерството за животна средина и просторно планирање“,  изјави Петровска.

Државниот инспекторат за животна средина ќе продолжи со собирање докази, со цел преиспитување на Договорот за концесија, односно дозволите за експлоатација.


Инспекциски надзор во ЕУРО ПРОГРЕС ДООЕЛ
 

Државниот инспекторат за животна средина на ден 21.01.2021 година изврши координиран
инспекциски надзор со Државниот инспекторат за техничка инспекција над правниот субјект ЕУРО
ПРОГРЕС ДООЕЛ во с.Долно Коњаре, општина Петровец. Правното лице ископува песок и чакал
согласно Договор за концесија за експлоатација на минерална суровина – песок и чакал издадена
во 2010, односно 2014 година и Дозволи за експлоатација издадени во 2011 (за блок А), односно
2019 година (за Блок Б).

По утврдување на фактичката состојба при посетата на терен, доставен е допис до Управата за
хидрометеоролошки работи заради добивање дополнителни информации. Имено, со дописот е
побарано да се изврши проверка на усогласеноста со одредбата од Договорот за концесија со која
се забранува експлоатацијата на минерална суровина да се врши во крајбрежниот појас во
широчина од 50 метри зад линијата на допирање на педесетгодишната вода.

Управата за хидрометеоролошки работи достави прелиминарни податоци за положбата на котата
на педесетгодиишните води, која навлегува длабоко во концесиското поле. Од одговорот на
Управата, со голема веројатност може да се заклучи дека концесијата е издадена спротивно на
Законот за води, односно дека границите на концесијата се во зоната на плавење на реката
Пчиња, што впрочем можеше да се види и на терен.

За да имаат правна важност, овие податоци ќе треба да се потврдат со дополнителни мерења и
вештачења, кои што ќе се реализираат во натамошната инспекциска постапка, но не очекуваме да
има разлики помеѓу овој прелиминарен наод и натамошните подетални истражувања.

Утврдена е уште една недоследност при доделувањето на Дозволата за експлоатација во 2019
година. Оваа Дозвола е издадена врз основа на одобрен Елаборат за заштита на животната
средина со Решение од 2010 година, кој е изработен согласно Правилник за формата и
содржината на Елаборати од 2009 година, и покрај тоа што во 2014 година е донесен нов
Правилник. Како одговор на допис од Инспекторатот, Управата за животна средина потврди дека
за постапки за доделување одобренија и дозволи после 2014 година се применува Правилникот
од 2014 година. Очигледно е направен пропуст во постапката, имајќи предвид дека Дозволата за
експлоатација (за Блок Б) е издадена во 2019 година, а Елаборатот на кој се повикува оваа
Дозвола е од 2010 година, односно не го применува важечкиот нов Правилник.

Државниот инспекторат за животна средина ќе продолжи со собирање докази, со цел
преиспитување на Договорот за концесија, односно Дозволите за експлоатација. Во меѓувреме, ќе
го известиме Министерството за економија и Министерството за животна средина и просторно
планирање за индициите околу прекршувањето на Законот за води. Исто така, имајќи предвид
дека Елаборатот за заштита на животната средина за Блок Б од концесиското поле не е усогласен
со важечкиот Правилник и истиот не содржи Програма за заштита на животната средина со
конкретни мерки, ќе побараме да се изработи нов Елаборат. Додека да се изработи и одобри
Елаборатот, ќе побараме од Државната техничка инспекција да наложи прекин на работите на
Блокот Б.

Понатаму, а врз основа на прибраните докази, Министерството за економија е надлежно да
предложи на Владата да го раскине Договорот за концесија.