Со градоначалниците и компаниите разговараме кои профили недостасуваат и за можностите за нив да се отворат паралелки во средните стручни училишта. Силно веруваме дека низ овој социјален дијалог заеднички ќе ги идентификуваме потребите и ќе можеме да одговориме на барањата на компаниите, но и за создавање на стручно образование коешто ќе создава кадар потребен на реалниот сектор, рече заменик министерот за образование и наука Арафат Шабани по работните средби во Струга и Охрид.
„Министерството за образование и наука веќе спроведе анализа која ни дава јасна слика за постојните профили кои ги нудат училиштата, нивната усогласеност со потребите на компаниите и подготвеноста за соработка на компаниите со средните стручни училишта на локално ниво. Од 450 компании од цела држава, дури 85 % се подготвени да соработуваат со средните стручни училишта и да примаат ученици на практична настава, нешто што е многу важно за создавање на стручен и квалитетен кадар“, нагласи Шабани.
Министерството за образование и наука ги организира овие средби под мотото ‘Учи паметно, работи стручно’ и со поддршка на Швајцарската амбасада. Профилите за коишто ќе се утврди потреба, ќе се отворат за запишување на ученици во средните стручни училишта во училишната 2021/2022 година. Воспоставувањето паралелки со дуално образование како и можноста одреден период од образованието да се поминува во компанија, а одреден во училиште, ќе резултира со квалификувана и мотивирана работна сила, која кореспондира со потребите на пазарот на трудот.