Презентиран проектот за обнова на семејната куќа на Мустафа Кемал Ататурк
Во селото Коџаџик во општина Центар Жупа во мај треба да почне изградба на спомен-објект за Мустафа Кемал Ататурк, творецот на модерна Република Турција, за кој темелот беше поставен пред две години. Ќе има два објекта - обнова на куќата во која се родил и живеел таткото на Ататурк - Али Риза ефенди, а до неа ќе биде и некогашната куќа на нивните роднини.
Протоколот за обнова и конзервација на семејната куќа на Мустафа Кемал Ататурк денеска го потпишаа министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, Мехмет Суреја Ер, заменик-претседател на Претседателството на турската администрација за соработка и координација–ТИКА при Владата на Турција, и градоначалникот на Центар Жупа, Мазлум Хасан.
Проектот го презентираше Ѓурѓица Лековска од Националниот конзерваторски центар, кој го подготови проектот што ќе се реализира со донација од ТИКА.
Двете куќи ќе бидат изградени на камено ритче во селото, познато како Таш-маало, на вкупна површина од 340 метри квадратни, врз археолошките остатоци и со автентичен лик и градежен материјал од кои биле направени оригиналните. Ќе бидат обновени според стари фотографии и аналогно на градбите типични за тој крај и период.
Семејната куќа каде што во 19 век се родил и живеел таткото, а ја изградил дедото на Ататурк (Казли Хафиз Ахмед), ќе има три нивоа со вкупна површина од 220 м2, и димензии 11,10м на 6,62м. Роднинската куќа, пак, ќе биде 9,30 м на 6,20м, со две нивоа и вкупна површина од 120 метри квадратни. Таа ќе биде музеј во кој ќе биде прикажано потеклото и образованието на Ататурк и неговото дело како државник и реформатор на современа Турција.
- Изградбата на Спомен-куќата на семејството на Кемал Ататурк, најмаркантната личност на турската историја, таткото на современа Турција, е од исклучително значење, пред се, за турската држава, за турската заедница овде, но и за Република Македонија. Таа ќе биде симбол на големото пријателство, што ќе даде силен импулс врз културниот развој во овој дел на Република Македонија и ќе претставува значајна културна и туристичка дестинација, рече министерката Канческа-Милевска.
Заменик-претседателот на ТИКА, Мехмет Суреја Ер, е задоволен од проектот на Националниот конзерваторски центар и зашто бил подготвен за кратко време. Цитирајќи ја пораката на Ататурк „Мир во државата, мир во светот“, тој им се заблагодари на претседателите и на премиерите на двете земји за поддршката на овој проект.
Градоначалникот на Центар Жупа, пак, истакна дека со проектот невозможното станува реалност и дека со изградбата на семејната куќа на Ататурк ќе се исполни желбата на жителите на Коџаџик, на целата Општина и на турската заедница во Македонија.
Мустафа Кемал Ататурк (1881-1938) е роден во Солун, каде што се преселиле неговите родители откако го напуштиле Коџаџик.