Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, имаше онлајн средба со Един Бајрами, претседател на Здружението на Горанците во Македонија и со претставници на здружението.
На состанокот се поздравени политиките на премиерот Заев и на Владата за изградба на Едно општество за сите граѓани.
Претседателот и членовите на Здружението на Горанците, за кое е соопштено дека е формирано пред две години во нашата држава, информираа дека имаат претставници од Горанците во нашата земја, но и од Косово и од Албанија и изразија определба за активен придонес во реформските процеси во државата. Тие информираа дека како луѓе од еснафот, главно угостители и занаетчии, во време на пандемијата имаат организирано хуманитарни активности со поделба на оброци за припадници на МВР, на мигранти и на деца без родители и дека ќе продолжат да дејствуваат во оваа хумана насока. Исто така беа истакнати и неколку културно-уметнички проекти, на чиишто подготовки веќе работи здружението.
„Горанците се одговорни и лојални граѓани на нашата држава и треба да бидат поддржани во изразениот интерес да придонесат во политиките и активностите за доброто на државата“, рече премиерот Заев.
На средбата беше договорено, во следниот период, да се работи на поголема вклученост на Горанците во општествено-политичкиот живот во земјава, како и за поддршка на посочените проекти од областа на културата. Исто така, разговарано е и за можноста за посета на областа Гора во Косово, каде, како што е соопштено, има изразен интерес од населението за средба со премиерот Зоран Заев.