Заклучоци од Пристапниот дијалог на високо ниво

Пристапен дијалог на високо ниво

Скопје, 15 март 2012 година

Заклучоци

  1. Премиерот Груевски и комесарот Фуле го одржаа Пристапниот дијалог на високо ниво на 15 март 2012 година во Скопје. Целта на дијалогот е да се даде нова динамика на реформскиот процес за пристапување во ЕУ и со тоа да се зајакне довербата и да се поттикне европската перспектива на земјата. 
  2. Пристапниот дијалог на високо ниво ќе претставува сеопфатна рамка преку која во процесот на дефинирање и имплементација на националната реформската агенда за пристапување во ЕУ ќе бидат вклучени и други релевантни национални страни вклучувајќи го и граѓанското општество .
  3. Се постигна согласност во однос на главните предизвици кои престојат и се воспоставија цели за реформите во петте клучни области: слобода на изразување во медиумите, владеење на правото, реформа на јавната администрација, изборна реформа и зајакнување на пазарната економија. Овие цели се дефинирани во анекс. 
  4. Дијалогот се фокусира на конкретните активности кои треба да ги преземе земјата со поддршка на Европската комисија. Владата, во тесна соработка со Европската комисија, веќе детално ги идентификуваше мерките и надлежните органи за нивна имплементација. До средината на април, Владата ќе усвои оперативен патоказ кој ќе содржи и дефинирана временска рамка за секоја мерка и кој ќе се следи во рамки на Пристапниот дијалог на високо ниво. Следните две сесии на Дијалогот ќе се одржат во мај и септември.
  5. Владата планира да оствари забрзан напредок. Ќе започне со преземање понатамошни мерки за заштита на слободата на изразување во медиумите. Во исто време ќе се води дијалог за да се зајакнат професионалните стандарди во новинарството.
  6. Во согласност со новиот пристап на Комисијата и дискусиите од Советот за стабилизација и асоцијација од 23 јануари 2012 година, исто така ќе започне технички дијалог за поглавјата 23 и 24.

ПРИСТАПЕН ДИЈАЛОГ НА ВИСОКО НИВО

Цели

I. МЕДИУМИ: СЛОБОДА НА ИЗРАЗУВАЊЕ И ПРОФЕСИОНАЛНИ СТАНДАРДИ

1) Да се измени и дополни законодавството за клевета, да се подобри судската пракса и да се зајакнат професионалните стандарди

2) Советот за радиодифузија да ја подобри примената на прописите за сопствеништво на медиумите и изменување и дополнување на законодавството

 

II. ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО И ФУНДАМЕНТАЛНИ ПРАВА

1) Да се подобри ефикасноста на правосудството

2) Да се подобри квалитетот на правосудството и независноста на судството

3) Да се зајакнат антикорупциските мерки и нивна проверлива примена

4) Да се зголеми ефикасноста и транспарентноста при управувањето со истражната техника на следење на комуникациите

5) Да се подобри дијалогот меѓу заедниците

 

III. РЕФОРМА НА ЈАВНА АДМИНИСТРАЦИЈА

1) Да се подобри управувањето со човечките ресурси

2) Да се подобри рамката за управување со управни постапки

3) Да се продолжи со процесот на децентрализација

 

IV. РЕФОРМА НА ИЗБОРИТЕ

1) Да се обезбеди доволна одвоеност на државата од партијата

2) Да се отстранат пропустите и нејаснотиите во Изборниот законик

3) Да се заврши со деталната ревизија и со прегледот на Избирачкиот список

 

V. ЗАЈАКНУВАЊЕ НА ПАЗАРНАТА ЕКОНОМИЈА

1) Да се подобри пазарот на трудот и образованието

2) Да се подобри деловната средина

3) Да се зајакне креирањето на економската политика и нејзино спроведување