Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска имаше работна средба со директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Коста Петров, на која се разговараше за обезбедување на законски предуслови, односно промена на законската регулатива за овозможување на т.н. далечинско работење на лица од територијата на Република Северна Македонија, а на средбата присуствуваше и државната секретарка во МВР Магдалена Несторовска, како одговорна за проектот .
Во последниот период, растечки светски тренд е привлекување на овие лица, пред се од економски интерес, затоа што тие на овој начин би ги трошеле во Република Северна Македонија средствата кои ги заработуваат во другите земји, на пример во Европската унија или Велика Британија. Ваквите програми имаат економски импакт бидејќи се работи за странци со поголеми примања, кои изнајмуваат станови во земјата, ги трошат средствата во нашата држава и стануваат дел од бизнис системот. Во моментов држави како Хрватска, Грузија и др. имаат развиено програма за привлекување на овие лица, кои најчесто работат во ИТК секторот и преку интернет и не се врзани со канцелариска работа или една локација. Преку измени и дополнување на законот за странци на овие лица ќе им се овозможи легален престој во државата на подолг период и на тој начин тие заработените средства би ги трошеле во нашата држава.
Министерот Спасовски потенцира дека во рамките на МВР веќе е формирана работна група, која работи на предлози за промена на законската регулатива и дека министерството е посветено на имплементирање на овој проект од кој придобивки ќе има нашата економија. Директорот Петров пак, потенцира дека со создавањето на европски услови и стандарди ќе придонесеме т.н. „дигитални номади“, меѓу кои има врвни странски претприемачи и експерти, да работат од нашата земја, што е само дел од визијата на ФИТР, Република Северна Македонија да стане регионален стартап хаб.