Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, се сретна со Пуџа Капур, амбасадорката на Република Индија за Република Северна Македонија, која го завршува својот мандат.
На состанокот се упатени честитки за напредокот на нашата држава, како нова членка на НАТО и земја којашто се движи кон ЕУ, каде што e констатирано дека припаѓа, географски, историски и според политиките водени во европски дух. Пренесено е дека во премиерот Заев не се гледа само како на политичар, туку и како на лидер визионер и дека е тоа препознаено и вреднувано пошироко во светот. Во насока на оценетиот развој на државата, изразен е интерес за продлабочување на соработката во областа на економијата, земјоделството, здравството, културата.
Премиерот Заев се заблагодари на индиската амбасадорка за успешниот мандат во којшто е реализирано и скорешното потпишување меморандум за соработка помеѓу министерствата за здравство на двете држави, како добра појдовна основа за унапредување на соработката во здравствената сфера.
„Станавме членка на НАТО и работиме во делот на европските интеграции. Преку политиките на дијалог и разбирање ги зацврстуваме и добрососедските односи. Веруваме во слободата, демократијата и ќе продолжиме во оваа насока да ја развиваме државата. Посветени сме на растот на економијата и на животниот стандард на граѓаните и поради тоа ни е важна соработката со сите држави со коишто можеме да ги споделуваме овие вредности и да придонесуваме во подобрувањето на квалитетот на живот во земјата“, рече премиерот Заев.
На состанокот е констатирано дека Република Северна Македонија и Република Индија ги поврзува пријателскиот дух на луѓето, а како мост за поврзување е посочена хуманистката Мајка Тереза која е родена во Скопје, а се посветува на мисионерска дејност во Индија.