Вчера вечер претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, присуствуваше на настанот „Најдобрите спортисти за 2020 година“, организиран од Агенцијата за млади и спорт, предводена од директорот Наумче Мојсовски.
Во обраќањето премиерот Заев им честиташе на спортистите и спортистките за сите постигнати успеси и признанија укажувајќи дека во него треба да гледаат како на искрен пријател кој сака да го поддржи спортот.
„Покрај постоечките финансиски средства коишто федерациите и спортот ги добиваат од Агенција за млади и спорт, Владата обезбеди можност за дополнителни 10 милиони евра за развој на македонскиот спорт преку модифициран и приспособен ваучерски систем.
Ваучерите станаа системска мерка и секоја година расте интересот за овој начин на поддршка на спортистите. Разликите сами по себе говорат: Во 2020 година 677 компании донирале 547,7 милиони денари за разлика од 2019 кога 639 фирми донирале 492,9 милиони“, изјави Заев.
Тој истакна и дека ќе бидат разгледани можностите за законско решение со кое ќе се регулира и стажот на спортистите. Дека се воведува родова еднаквост во спортот со претензија да расте бројот на жените во органите на управување во спортските организации, почнувајќи од најмалку 30% во 2020 година, до 50% до 2024 година.
Во продолжение Ви го пренесуваме интегралното обраќање на премиерот Заев во целост:
„Почитувани спортистки и спортисти, ценети спортски работници, почитувани присутни,
На почетокот дозволете на сите добитници на врвните признанија во рамките на манифестацијата „Спортистки и спортисти на годината“, да ви честитам за овие значајни признанија и да ви посакам уште многу успеси на спортски и на личен план.
Денешниот ден е ваш ден, и ден кога сите ние ви ја оддаваме должната почит за вашите успеси со коишто нè радувате и нè правите горди. Вашите успеси на спортските терени и на големите натпревари истовремено се и пораки за сите нас. Пораки за обединување, за поттикнување и за охрабрување затоа што вие сте пример дека победите се можни.
Сакам да ве уверам дека моето присуство на оваа ваша свеченост не е прашање на протокол. Сакам да ве уверам дека во Владата и во мене имате искрен пријател и дека моето присуство на оваа ваша свеченост е да ви ја потврдам определбата на актуелната Влада уште од 2017 година, дека заедно со вас правиме сѐ што е потребно спортот да биде во рацете на спортистките и спортистите.
Оваа година прогласувањето на спортистките и спортистите се организира во сенката на пандемијата со КОВИД-19. Заради природата на вирусот први на удар беа спортските настани и голем број од нив беа откажани.
Заканите од вирусот се сѐ уште присутни, но спортскиот дух ништо не може да го скрши и светот ги прави сите потребни напори спортските арени повторно да се исполнат со публика и со спортски актери кои секогаш ќе стремат кон победи и ќе ги величаат вредностите на спортот.
И во такви услови Владата на Северна Македонија не отстапи од својата стратешка определба да го поддржува спортот со континуиран раст на финансиски средства и да ги гарантираме и браниме условите за негова самостојност и развој.
Покрај постоечките финансиски средства коишто федерациите и спортот ги добиваат од Агенција за млади и спорт, Владата обезбеди можност за дополнителни 10 милиони евра за развој на македонскиот спорт преку модифициран и приспособен ваучерски систем.
Ваучерите станаа системска мерка и секоја година расте интересот за овој начин на поддршка на спортистите. Разликите сами по себе говорат: Во 2020 година 677 компании донирале 547,7 милиони денари за разлика од 2019 кога 639 фирми донирале 492,9 милиони.
Тоа значи дека изминатата година реализацијата на ваучерите, иако во време на КОВИД-19, е висока и изнесува 89%.
Тоа ни дава за право да констатираме дека ова е вистинска мерка и дека вистински се искористува во спортот и стигнува до крајните корисници – националните спортски федерации, клубови и спортисти.
Системската поддршка што ја добиваат спортските субјекти на овој начин е клучна за остварување високи спортски резултати и за достоинствен живот и услови за работа на сите спортисти и спортистки, професионално и рекреативно.
Со овој систем на распределба ја зголемуваме мотивацијата и интересот за спонзорирање на стопанските субјекти во спортот.
Почитувани претставници на врвниот спорт во нашата земја,
Мене ми е драго да бидам предводник на извршна власт, којашто има непоколеблива мотивација за силна поддршка на спортот за континуирано обезбедување услови за квалитетни спортски можности и за партнерска соработка со сите релевантни спортски федерации, институции и организации.
Најавувам дека со рестартот на економијата во пост-ковид периодот оваа поддршка ќе биде зголемена за да создадеме услови за уште поголеми спортски успеси на кои сите ќе се радуваме.
Секоја нова победа, секој нов спортски успех на секој од вас е зголемена мотивација за интерес во спортот на нашите млади луѓе.
Зголемениот број на граѓани и млади кои спортуваат, зголемениот број на стручни спортски кадри, постигнувањето на врвни резултати и афирмација на врвниот спорт, зголемување на бројот на жени во спортот, сето тоа се индикатори кои поттикнуваат политики за квалитетна спортска инфраструктура, за подобрување на статусот на спортистките, спортистите и спортските работници.
Со афирмацијата на олимпизмот и со нулта партизација во спортот, сето тоа се показатели кои ни даваат за право да ја оствариме целта, износот на финансиски средства од ваучерите да порасне до 15 милиони евра на крајот на мандатот на оваа Влада.
Ќе бидат разгледани можностите за законско решение со кое ќе се регулира стажот на спортистите. Воведуваме родова еднаквост во спортот со претензија да расте бројот на жените во органите на управување во спортските организации почнувајќи од најмалку 30% во 2020 година, до 50% до 2024 година.
Федерациите кои добиваат финансиски средства од државниот буџет мора да обезбедат функционирање на машки и женски спорт, односно машки и женски спортски клубови и репрезентации.
На крајот, дозволете ми на сите спортистки и спортисти, добитници на годинашното врвно признание, да ви ги изразам моите честитки и честитките на Владата за сите сегашни и идни успеси. Имате спортски партнер во мене како премиер и во Владата за фер плеј во општеството во кое што ги заслужувате своите шанси. Спортот обединува и сплотува, и затоа заедно да одиме на победа во сите идни спортски предизвици“.