Премиерот Зоран Заев придружуван од министерката за образование и наука Мила Царовска, градоначалникот на Струмица Коста Јаневски, градоначалникот на Радовиш Герасим Конзулов и бројни претставници на бизнис секторот и средните стручни училишта од Струмичкиот Регион, беше гостин на дебатата која ја организираше Министерството за образование со поддршка на Амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија во Струмица.
Заложбата и посветеноста на Владата да ги остварува и развива зацртаните стратешки цели, меѓу кои развојот на економијата, зголемувањето на продуктивното вработување и подигнување на животниот стандард на граѓаните, нè упатува на онаа најважната нишка која ги поврзува сите овие цели заедно, а тоа е образованието.
„Благодарение на јасните мерки и политики за економски раст, успеавме во изминатите три и пол години да ја намалиме невработеноста до рекордните 17,5 проценти. Ова беше постигнато и благодарение на мерките кои се атрактивни за постојните компании, но и од потребата на бројните инвеститори за стручни кадри кои веднаш после средното образование влегуваат на пазарот на трудот како компетентни млади луѓе“, истакна Заев.
Министерката Царовска истакна дека за учебната 2021/2022 средните стручни училишта ќе имаат поширока понуда на образовни профили. Кои и во колкав обем се прецизира низ интензивни консултации на градоначалниците, компаниите и стопанските комори со цел наставните програми и уписните политики во средните стручни училишта да бидат дизајнирани така што ќе одговорат на потребите на реалниот сектор.
„За нас како Министерство за образование и наука е важно да ги усогласиме барањата на компаниите со можностите за стекнување знаења, но и вештини преку практична работа во компаниите или во работилниците во училиштата. Создавањето доверба меѓу учесниците во овој социјален дијалог ќе резултира со средни училишта кои се силни стручни центри, подготвени за квалитетно образование на младите луѓе. Тоа е добро за компаниите, кои добиваат продуктивен кадар, но добро е и за учениците, кои добиваат извесна иднина, затоа што ги стекнале токму оние вештини кои ги бара пазарот на труд“, изјави министерката Царовска.
За оние образовни профили за кои и во минатото, а и сега компаниите пројавуваат интерес, но досега не биле атрактивни за учениците, министерката Царовска најави стипендии.
Амбасадорката на Швајцарија, Сибел Сутел ја подвлече важноста од соработката помеѓу училиштата и бизнис секторот. Како што рече таа, реалниот сектор треба да помогне во креирање на образовните програми, затоа што тие на крај треба да ги преземат учениците на пракса и потоа и да ги вработат.
Социјалниот дијалог за идентификување на потребите на компаниите се одвива под мотото „Учи паметно, работи стручно“. Министерството за образование и наука за реализација на процесот соработува и има поддршка од Амбасадата на Швајцарија.