Министерот за одбрана Фатмир Бесими во посета на Данска

Евроатланските интеграции како стратегиска определба на Република Македонија, реформите во исполнување на стандардите на Алијансата со цел креирање постабилен регион  и поддршката од Данска на меѓународен план за забрзување на процесот за наше членство во НАТО. Тоа беа теми на средбата на министерот за одбрана на Македонија, Фатмир Бесими, со неговиот дански колега, Ник Хекеруп, што се одржа денеска во Копенхаген.  

Од Данска, земјата која ги има двете клучни позиции во Алијансата, политичката преку генералниот секретар Андерс фог Расмусен, и воената преку претседателот на воениот комитет на НАТО, генерал Бартелс, како и функцијата актуелен претседавач со Нордискиот совет, Република Македонија во услови на исполнети критериуми реформи и висок степен на подготвеност и оперативна способност на мировниците на АРМ во мисијата во Авганистан, очекува отворена поддршка за членство во Алијансата, соопшти Министерството за одбрана.

Преку високите челници во Генералштабот, се вели во соопштението, Кралството Данска ја потврди  конзистентната оценка за високиот степен на обученост, компатибилноста и оперативната способност на припадниците на АРМ во силите ИСАФ кои заедно со земјите-членки рамноправно ги сносат сите сложени задачи за целосно обезбедување на штабот во Кабул.

На средба со заменик-началникот на данскиот Генералштаб за операции, Карстен Свенсон, министерот Бесими истакнал дека АРМ ја продолжува трансформацијата фокусирана на зголемување на капацитетите, способностите и професионализмот како начин на достигнување финални оперативни способности.

Република Македонија има билатерален договор во делот на одбраната со Данска преку кој се креира годишниот план на активности мегу двете земји.