„Во еден ваков сложен и крајно проблематичен контекст, и комисиите и јас како министерка, зазедовме став за една суштинска позиција: да се обезбеди одговорна, транспарентна и праведна дистрибуција на парите на даночните обврзници за културата“, истакна министерката за култура, Ирена Стефоска на денешната прес-конференција на која информираше за резултатите од Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2021 година по дејности и области.
Стефоска посочи дека конечно, доделени се толку средства со колку што располага Министерството, односно за првпат не се преземаат обврски, повисоки од буџетските средства.
„За распределба на 11 милиони евра, пари на даночните обврзници, пристигнаа рекорден број, 6352 апликации. Во оваа прилика, изразувам голема благодарност на стручните комисии, за нивната непопустливост пред огромните притисоци на кои беа изложени. Благодарност за професионалниот пристап, за истрајноста и посветеноста да направат правична и фер селекција од огромниот број пријави. Им благодарам и на вработените во Министерството за култура кои успеаја да обработат 6352 апликации. Од овој момент, одговорноста за годишната програма веќе е моја“, рече министерката за култура Стефоска на денешната прес-конференција.
Таа ја изрази и својата убеденост дека во резултатите од програмата, културната јавност ќе го препознае напорот – за напуштање на принципот „по малку за сите“ затоа што таквиот „принцип“, како што нагласи, ја обесмислува културата и ја убива креативноста. Ги посочи и критериумите врз основа на кои работеа стручните комисии и кажа дека акцентот е ставен врз: квалитетот на проектите, нивното значење за јавниот интерес во културата, нивната релевантност во животот на граѓаните, поддршка на автори од различни етнички заедници, стимулирање на креативни млади творци, на ранливи и маргинализирани групи, реално вреднување на трудот за да се заштити достоинството на авторот, а за прв пат после повеќе децении одобрени се солидни средства за заштитата на нашето културно наследство.
„Не сакам и не можам да го сокријам задоволството од бројните проекти во програмата, со интеркултурен карактер. Тие се нашата боја. Ме радува и фактот дека се одобрени голем број проекти како поткрепа на заложбата за деметрополизација на културата. Не може и не смее да се очекува овој конкурс да ги реши сите, децениски, наталожени проблеми“, рече Стефоска и уште еднаш апелираше до Собранието што побрзо да го донесе новиот закон за јавен интерес во културата кој со нетрпение го очекуваат 3500 културни работници.
На крајот од прес-конференцијата, министерката за култура Стефоска напомена дека роковите за корисниците оваа година ќе бидат пролонгирани за да имаат време да си ги реализираат проектите.
Резулатите од Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2021 година по дејности и области се поставени на веб-страницата на Министерството за култура (www.kultura.gov.mk).