Владата на Република Северна Македонија на денешната 50-та седница ги разгледа и Планот и мерките за борба против корупција.
Планот за борба против корупцијата е подготвен врз основа на сите препораки и предлози од надлежни институции, невладини организации, независни тела, како и согласно укажувањата на релевантните домашни и странски извештаи и содржи нови начини и соодветни механизми за спречување и искоренување на корупцијата како продолжение на анти-коруптивните политиките што ги зацрта Владата со почетокот на актуелниот мандат.
Со овој план се зајакнуваат капацитетите и се воспоставува синхронизиран систем за ефикасна функционалност на институциите во првите редови против корупцијата, за враќање на довербата во нив и за општество ослободено од корупција
На денешната седница Владата даде целосна поддршка и ја усвои Концепцијата за основно образование за која во подготовката беа вклучени сите засегнати страни, се слушнаа и се прифатија стручни мислења од експерти, универзитетски професори, претставници од МАНУ, наставници граѓански и меѓународни организации. Во подготовката на документот од самиот почеток активно беше вклучен и репрезентативниот синдикат СОНК, а се одржаа низа консултативни состаноци со засегнати страни и широка јавна расправа во Собранието.
Со дел од усвоените стручни мислења, Концепцијата за основно образование во фокусот ги става учениците и нивното право на квалитетно образование.
Концепцијата е во најдобар интерес на децата и во насока на создавање едуцирани и одговорни граѓани, воспитѕвани во духот на граѓанските и демократските вредности на општеството што е и основен постулат на Конвенцијата за правата на децата на ООН.
Посебно место во Концептот на основно образование има континуираниот професионален развој на наставниците насочен кон стекнување и пренесување нови знаења за практичниот аспект на работата според стандардите за квалитет на воспитно-образовниот процес согласно европските трендови.
На предлог на Комисијата за заразни болести, Владата денеска го усвои Протоколот за превентивни мерки при спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите 2021 година кој ќе предвидува мерки во сите три фази на пописот, односно во фазата на тестирање, фазата на обука и во фазата на спроведување на пописот на терен со посебен Протокол за попишување на лицата кои во периодот на спроведување на пописот се позитивни на КОВИД-19.
На денешната седница е утврден текстот на Предлог законот за прогласување на дел од Шар Планина за Национален парк, подготвен од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Основна цел на ова законско решение е прогласување на дел од Шар Планина за заштитено подрачје од втора категорија - Национален парк, заради обезбедување заштита на исклучителните природни убавини и вредности, разновидноста и богатството на биодиверзитетот, геодиверзитетот, хидролошките карактеристики, пејзажните, пределните и други вредности, како добра од јавен интерес.
Денеска Владата на Република Северна Македонија го разгледа и прифати Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2021 година.
Со Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2021 година се утврдуваат програмите, мерките и услугите за вработување кои ќе обезбедат создавање на нови работни места, поддршка за креирање на нови работни места и зголемување на вработливоста на невработените лица, посебно на младите, долгорочно невработените и корисниците на право на парична помош од социјална заштита, како и поддршка на невработените лица на кои престанокот од работен однос е регистриран во периодот на кризата предизвикана поради КОВИД-19, односно од 11 март 2020 година.
При имплементацијата на програмите и мерките за вработување, како и услугите на пазарот на трудот, ќе се почитуваат следните основни принципи: Справување со негативните ефекти и последици врз пазарот на труд и вработеноста, предизвикани од пандемијата на КОВИД-19; Принципот на диверзитет и инклузивност за сите општествени категории во приватниот сектор согласно принципите на правична и адекватна застапеност на етничка, полова, религиозна, расна или било која друга ранлива категорија на граѓани во согласност со стандардите и практиките на Обединетите нации и Меѓународната организација на трудот; и Поттикнување на рамномерен регионален развој, во согласност со податоците од Бирото за регионален развој и степенот на развиеноста на планските региони во Република Северна Македонија.