Инвестициите во енергетската ефикасност носат придобивки на повеќе нивоа. Се подобрува термичкиот комфор за живеење и работа, се намалуваат потрошувачката на енергија и со тоа и сметките за потрошена енергија, се влијае на увозната зависност на државата и последно, но не помалку важно се намалуваат емисиите на стакленички гасови. Затоа сите треба да придонесеме кон намалување на потрошувачката на енергија преку инвестиции во подобрување на енергетската ефикасност.
Оваа порака ја упати министерот за економија Крешник Бектеши до граѓаните, компаниите, државните институции и општините денеска на потпишувањето на договорот за јавно- приватно партнерство по ЕСКО-модел за јавно осветление во општина Крива Паланка.
Министерот Бектеши кажа дека му е чест што денеска на Меѓународниот ден на енергетска ефикасност може да промовира проект кој ќе влијае значително на подобрување на енергетска ефикасност во оваа општина.
“Свесни сме дека само со ефективни политики и мерки за енергетска ефикасност, Северна Македонија може да ги зголеми заштедите во потрошувачката на примарна и финална енергија. Проекцијата со сегашните политики покажува дека потрошувачката на примарна и финална енергија ќе се зголеми за 38% и 55%, соодветно, во 2040 година во однос на 2017 година, како резултат на континуиран економски раст“ потенцираше министерот и кажа дека анализите покажуваат дека треба да се спроведат вкупно 26 мерки во периодот 2020 - 2040 година, со цел да се намали потрошувачката на енергија во зградите, во секторот индустрија, во транспортниот сектор и да се намалат загубите при енергетската трансформација во преносната и дистрибутивна мрежа.
“Би сакал да укажам дека Министерството за економија како надлежно министерство за политиките во делот на енергетиката со донесувањето на Законот за енергетска ефикасност во февруари 2020 години, ја спроведе главната реформа во оваа област. Во континуитет истовремено поддржуваме активности за промоција на обновливите извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност“, потенцираше министерот и кажа дека во наредниот период Министерството за економија ќе изработи Физибилити студија за Енергетската ефикасност на зградите во централната власт бидејќи инвестирањето во енергетска ефикасност на јавните згради носи одржливост кон почиста животната средина.
Градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски кажа дека со потпишувањето на договорот за јавно-приватно партнерство за изградба на улично осветлување по ЕСКО модел ќе придонесе за драстично намалување на потрошувачка на електрична енергија за улично осветлување во општината, или околу 80 проценти од сегашната потрошувачка. Вкупната инвестиција изнесува 65 милиони денари, а инвестицијата ќе се врати во рок од 6 години преку намалените сметки за улично осветлување.
Според Здравко Стефановски, раководител на проектот на ЕБРД за енергетска ефикасност по ЕСКО модел на Јавно приватно партнерство ги дава посакуваните резултати.
“Крива Паланка е шеста општина која што ќе го имплементира овој проект кој што обезбедува најголема заштеда на енергија, најкраток период на враќање на инвестицијата најголема животен век на светилките“ кажа Стефановски и потенцираше дека интерес за инсталирање на енергетски ефикасно улично осветлување според ЕСКО моделот пријавиле уште 22 општини во државата.