Потврдата на рејтингот за Македонија од страна на ФИЧ е резултат на добрата економска политика, смета Груевски
Oценката ББ+ со стабилни изгледи, што Македонија ја дoби од агенцијата за рејтинг „Фич“, со кој се потврдува претходниот рејтинг на земјава, според премиерот Никола Груевски е резултат и потврда на успешноста на економска политика што ја спроведува Владата.
- За потврдувањето на рејтингот од ФИЧ придонесуваат здравите економски политики што се водат, ниската задолженост, со оглед на тоа што Македонија е меѓу три-четири најниско задолжени земји во Европа со 26 проценти од БДП, како и континуираните реформи што се спроведуваат од страна на Владата и владините и државните институции. Мене ме радува фактот што во овие бурни времиња кога повеќе од државите во Европа и ЕУ добиваат пониски рејтинзи од оние што ги имале, Македонија успева да го задржи кредитниот рејтинг што го имаше и претходно, рече премиерот Никола Груевски одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето на реконструираната делница Раштак-Црешево.
Тој додаде дека ваквата потврда на рејтингот со повторените позитивни очекувања за иднина од страна на рејтинг агенцијата ФИЧ е добро за Македонија и показател дека се движи во вистинска насока.
Премиерот Груевски се осврна и на проектот „Купи куќа, купи стан“, истакнувајќи притоа дека интересот на граѓаните да ги искористат поволностите што тој ги нуди постојано расте. Заради тоа, додаде, во повеќе општини веќе се подготвуваат градежни парцели кои ќе бидат наменети за изградба на куќи
Според премиерот, во Хиподром, општина Гази Баба, и во општината Илинден за изградба на куќи ќе бидат наменети по 500 градежни парцели. Градежно земјите за изградба на куќи ќе има и во општината Битола. Груевски најави дека ќе бидат објавени јавни огласи за продажба на градено земјиште со почетна цена од едно евро за метар квадратен.
- Ова е извонредна можност граѓаните да дојдат до свое живеалиште. Изградбата на куќа е многу поевтина од купување стан, а покрај тоа има можност и за проширување ако семејството се прошири, рече премиерот и потсети дека проектот е дел од програмата што им беше понудена на граѓаните на изборите.