Премиерот Заев и вицепремиерот Димитров за „Агенда: Европа дома“: Го презентираме патоказот за европеизацијата на македонското општество

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев заедно со заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, по владината седница на која беше усвоен документот „Агенда: Европа дома“, на прес-конференција информираа за деталите од оваа Агенда со која се потврдува владината одлучност да се имплементираат европските стандарди и вредности во секој сегмент од нашето општество.

На прес-конференцијата на која присуствуваа и заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, министерот за правда Бојан Маричиќ и министерот за финансии Фатмир Бесими, премиерот Заев информираше дека планот е подготвен од вицепремиерот Димитров со тимот од Секретаријатот за европски прашања и во консултација со повеќе ресорни министерства и дека станува збор за агенда на Владата и за другите институции како што се Собранието, правосудните органи, Државната изборна комисија, Државната комисија за спречување на корупцијата, како и други агенции и комисии, кои во соработка со Владата, ќе ги завршат преостанатите активности за целосна европеизација на системот и на нивната работа според стандардите на ЕУ како наши одредници.

„Во „Агенда: Европа дома“ се преточени принципите и заложбите поставени како приоритет во владината „Акција 21“ со која ја потврдивме нашата одлучност да ги имплементираме европските стандарди и вредности во секој сегмент од нашето општество. „Европа дома“ е своевиден роковник со утврдени активности и носители на тие активности кои во точно одреден рок треба да ги завршат своите обврски за да ги унапредиме институциите и системите. Преку тоа граѓаните да добијат подобри услуги и подобар живот и уште еднаш да докажеме дека Северна Македонија го заслужува местото во Европската Унија и дека природно припаѓа во европското семејство народи“, истакна премиерот Заев.

Претседателот на Владата појасни дека документот е подготвен врз основа на обврските кои се преземени во рамките на заедничките тела меѓу Северна Македонија и Европската Унија, а кои произлегуваат од Спогодбата за стабилизација и асоцијација и препораките на Европската комисија, како и дека низ реализацијата на овие европски реформи ќе ги исполниме и препораките од Советот на Европа, Венецијанската комисија, ГРЕКО, извештаите и препораките од групата високи експерти, од оценските мисии и од други меѓународни извештаи.

„За секоја приоритетна област се наведени прецизни цели, активности, надлежни институции за спроведување на активностите и рокови за нивна реализација. Документот беше консултиран со граѓански организации кои работат во областа на европските интеграции, како и со Делегацијата на Европската Унија. Оваа граѓанска Влада успеа да ја постави земјата на патот на безбедноста и сигурноста и постигна значителен напредок во клучните политички и економски области. Тој напредок е признаен од сите наши стратешки партнери. Станавме 30-та членка на НАТО и добивме едногласна, безусловна одлука од Советот на ЕУ за почеток на пристапните преговори“, посочи претседателот на Владата Заев.

Осврнувајќи се на одложувањето на првата Меѓувладина конференција за официјално започнување на пристапните преговори, премиерот Заев нагласи дека Владата покажа одважност да се соочи со предизвиците, со посветена работа резултатите сигурно ќе дојдат, а прашањето со Бугарија се надминува со политички и дипломатски напори.

„„Агенда: Европа дома“ е нашиот искрен влог во европската агенда како наша суштинска определба. Европеизацијата на македонското општество не смее да чека, а нашиот план за завршните процеси за оваа наша агенда очекуваме да ни донесе исто толку позитивен извештај и за оваа 2021 година. Јас само сакам да нагласам дека таа се надоврзува на досието на Северна Македонија во Брисел кое е кристално чисто според извештајот за 2020 година, со безусловна препорака за старт на преговорите. И за тоа македонските граѓани треба да се горди“, подвлече премиерот Заев.

На прес-конференцијата беше информирано дека документот „Агенда: Европа дома“ во својата реализација се потпира на новата структура на Методологијата за пристапување кон ЕУ, односно на кластерот Темели, а при изработката се консултирани најдобрите европски практики со сите земји членки и од нив има безрезервна поддршка.

Акцентот, со конкретни задачи, надлежни институции и рокови е ставен на изборните реформи, на правосудството, на борбата против корупцијата и организираниот криминал, на темелните човекови права, на реформи во медиумската сфера, на економското владеење и на реформата на јавната администрација. Поради важноста на животната средина и климатските промени, не само во националниот контекст, туку и согласно Зелената агенда за Западен Балкан на ЕУ, вклучени се приоритетни цели и активности и за оваа област.

„Во соработка со Собранието го продолжуваме консолидирањето на законската и институционална рамка за спроведување на изборниот процес согласно европските и меѓународните стандарди односно влегуваме во сеопфатна ревизија на законската рамка во согласност со препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија. Со правосудните институции тргнуваме во насока на целосна имплементација на законската рамка и јакнење на капацитетите во правосудството. Првите чекори што ги предвидува агендата се донесување на подзаконски акти за ефикасна примена на Законот за јавното обвинителство; зајакнување на човечките и финансиските ресурси на Советот на јавни обвинители, усвојување на редовна пракса на транспарентни и образложени одлуки за избор и унапредување на судии и јавни обвинители и транспарентна евиденција за постапките за нестручно и несовесно вршење на судиската и јавно обвинителска функција и дисциплинска одговорност“, посочи премиерот Заев и дополни дека во борбата против корупцијата утврдени се роковите за екипирање и дигитализација на истражните центри во сите надлежни институции.

Претседателот на Владата Заев истакна дека следува операционализација на Националната платформа за интероперабилност за потребите на надлежните органи за борба против корупција, како и нова Стратегија за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот 2021-2023 за чија имплементација ќе одговара Национална комисија за следење на мерките од стратегијата.

Во обраќањето вицепремиерот Димитров посочи дека целта на „Агенда: Европа дома“ не е да ги замени веќе постоечките стратегии, акциски документи и самата Програма за работа на Владата, туку напротив, тој е целосно комплементарен и ги отсликува реформските заложби.

„Но, она што овој хоризонтален документ треба да го овозможи е мапирање на клучните чекори и нивно будно следење, заедно со притисок за исполнување на дадените рокови. Она што е важно во креирањето на секоја стратегија се механизмите за контрола на спроведувањето. Документот што го имаме дава јасна слика не само на сите задачи што се поставени во нашиот реформски план и што имаме обврска да ги исполниме, туку и точно делегира надлежности и одговорност“, истакна вицепремиерот Димитров и дополни дека станува збор буквално за патоказ што ќе треба да го следат сите надлежни институции спроведувајќи реформски чекори што СЕП ќе ги мониторира, турка и за чијашто динамика на исполнување или застој редовно ќе информира.

Заменик-претседателот на Владата Димитров наведе дека во финална фаза на подготовка е Националната програма за усвојување на правото на Европската Унија за периодот 2021-2025, во која детално се предвидува усогласување на сите поглавја од европско право во домашното законодавство.

„Реформскиот процес, процесот на европеизација, е долг. Всушност, тој никогаш не запира, бидејќи секогаш ќе се стремиме кон подобро, прифаќајќи ги напредокот и развојот на европското законодавство, на вредностите, на технологијата. Затоа, никогаш нема да се откажеме од нашиот пат, од европеизацијата, од владеењето на правото и бескомпромисната борба против корупција, од почитување и заштита на демократските принципи и основни човекови права, од силна економија, од слободни медиуми. За да успееме на овој пат, мора да сме добро организирани, и координирани и да се осигуриме дека одговорноста ја чувствуваме сите, исто како што сите учесници во една штафета се подеднакво одговорни палката да стаса до целта“, подвлече Димитров.

Вицепремиерот посочи дека СЕП ќе го следи спроведувањето на неделна основа и ќе ја информира Владата на секоја седница со неделен пресек на имплементацијата, дополнително, врз основа на податоците за спроведувањето ќе подготвуваат и до Владата ќе доставуваат Извештаи за спроведување на „Агенда: Европа дома“, и тоа во мај, во септември и во декември оваа година.

На прес-конференцијата беше истакнато дека сите реформи се спроведуваат на принципиелна основа, низ темелно согледување на состојбите и систематско решавање на проблемите, а не со избрзани и половични решенија. Воедно беше посочено дека овoj момент нема да биде испуштен, бидејќи спроведувањето на обврските од „Агенда: Европа дома“ е во интерес на граѓаните и нашата земја.
 

 


Премиерот Заев за „Агенда: Европа дома“: Северна Македонија го заслужува местото во Европската Унија, европските стандарди и принципи ги спроведуваме дома

 

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев заедно со заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров по владината седница на која беше усвоен документот „Агенда: Европа дома“, на прес-конференција информираа за деталите  од оваа Агенда со која се  потврдува владината одлучност да се имплементираат европските стандарди и вредности во секој сегмент од нашето општество. 

На прес-конференцијата на која присуствуваа и заменик-претседателот на Владата  задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, министерот за правда Бојан Маричиќ и министерот за финансии Фатмир Бесими, премиерот Заев истакна дека европеизацијата на македонското општество не смее да чека, а „Агенда: Европа дома“  е своевиден роковник со утврдени активности и носители на тие активности кои во точно одреден рок треба да ги завршат своите обврски за да ги унапредиме институциите и системите. 

Обраќањето на премиерот Заев ви го пренесуваме во целост:

„На денешната седница на Владата го усвоивме документот „Агенда: Европа дома“ што го подготви заменик-претседателот задолжен за европски прашања Никола Димитров со тимот од  Секретаријатот за европски прашања и во консултација со повеќе ресорни министерства.

Станува збор за агенда на Владата и за другите институции како што се Собранието, правосудните органи, ДИК, ДКСК, како и други агенции и комисии, кои во соработка со Владата, ќе ги завршат преостанатите активности за целосна европеизација на системот и на нивната работа според стандардите на ЕУ како наши одредници.

Во „Агенда: Европа дома“ се преточени принципите и заложбите поставени како приоритет во владината „Акција 21“ со која ја потврдивме нашата одлучност да ги имплементираме европските стандарди и вредности во секој сегмент од нашето општество. 

„Европа дома“ е своевиден роковник со утврдени активности и носители на тие активности кои во точно одреден рок треба да ги завршат своите обврски за да ги унапредиме институциите и системот. 

Преку тоа граѓаните да добијат подобри услуги и подобар живот и уште еднаш да докажеме дека Северна Македонија го заслужува местото во Европската Унија и дека природно припаѓа во европското семејство народи. 

Документот е подготвен врз основа на обврските кои сме ги презеле во рамките на заедничките тела меѓу Северна Македонија и Европската Унија, а кои произлегуваат од Спогодбата за стабилизација и асоцијација и препораките на Европската комисија.
Низ реализацијата на овие европски реформи ќе ги исполниме и препораките од Советот на Европа, Венецијанската комисија, ГРЕКО, извештаите и препораките од групата високи експерти, од оценските мисии и од други меѓународни извештаи. 

За секоја приоритетна област се наведени прецизни цели, активности, надлежни институции за спроведување на активностите и рокови за нивна реализација. Документот беше консултиран со граѓански организации кои работат во областа на европските интеграции, како и со Делегацијата на Европската Унија.

Почитувани,

Оваа граѓанска Влада успеа да ја постави земјата на патот на безбедноста и сигурноста и постигна значителен напредок во клучните политички и економски области. Тој напредок е признаен од сите наши стратешки партнери. Станавме 30-та членка на НАТО и добивме едногласна, безусловна одлука од Советот на ЕУ за почеток на пристапните преговори. 

За жал, на крајот од минатата година, поради тоа што една земја членка не даде согласност за одобрување на рамката за преговори, првата Меѓувладина конференција за официјално започнување на пристапните преговори сè уште се нема случено.
Долго сме во процесот и нема да запреме. Се соочуваме со предизвици, но нема да бидеме обесхрабрени. 

Продолжуваат политичките и дипломатските напори и обиди за отстранување на ветото кое го постави Бугарија. Кога сме посветени и сплотени, резултатите ќе дојдат, мора да дојдат.

Но, многу важно, продолжуваат и реформите со кои европските стандарди ги внесуваме дома, во нашите институции, за да ги ползуваат нашите граѓани.

Затоа документот „Агенда: Европа дома“ во својата реализација се потпира на новата структура на Методологијата за пристапување кон ЕУ, односно на кластерот Темели. 
Акцентот, со конкретни задачи, надлежни институции и рокови е ставен на изборните реформи, на правосудството, на борбата против корупцијата и организираниот криминал, на темелните човекови права, на реформи во медиумската сфера, на економското владеење и на реформата на јавната администрација. 

Поради важноста на животната средина и климатските промени, не само во националниот контекст, туку и согласно Зелената агенда за Западен Балкан на ЕУ, вклучени се приоритетни цели и активности и за оваа област. 

Конечно, за унапредување на капацитетите на институциите и Владата за процесот на пристапни преговори, вклучени се приоритетни цели и активности за зајакнување на механизмот за управување и координација на пристапните преговори.  

Ова е особено важно затоа што пристапниот процес е најдобрата алатка европските стандарди и принципи да ги воведеме дома. 

Во соработка со Собранието го продолжуваме консолидирањето на законската и институционална рамка за спроведување на изборниот процес согласно европските и меѓународните стандарди односно влегуваме во сеопфатна ревизија на законската рамка во согласност со препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија.

Со правосудните институции тргнуваме во насока на целосна имплементација на законската рамка и јакнење на капацитетите во правосудството.
Првите чекори што ги предвидува агендата се донесување на подзаконски акти за ефикасна примена на Законот за јавното обвинителство; зајакнување на човечките и финансиските ресурси на Советот на јавни обвинители, усвојување на редовна пракса на транспарентни и образложени одлуки за избор и унапредување на судии и јавни обвинители и транспарентна евиденција за постапките за нестручно и несовесно вршење на судиската и јавно обвинителска функција и дисциплинска одговорност.

Во борбата против корупцијата утврдени се роковите за екипирање и дигитализација на истражните центри во сите надлежни институции. 

Следува операционализација на Националната платформа за интероперабилност за потребите на надлежните органи за борба против корупција, како и нова Стратегија за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот 2021-2023 за чија имплементација ќе одговара Национална комисија за следење на мерките од стратегијата. 

Останатите детали за другите делови од агендата ќе ги сподели вицепремиерот Димитров. 

Почитувани,

„Агенда: Европа дома“ е нашиот искрен влог во европската агенда како наша суштинска определба. Европеизацијата на македонското општество не смее да чека, а нашиот план за завршните процеси за оваа наша агенда очекуваме да ни донесе исто толку позитивен извештај и за оваа 2021 година. 

Јас само сакам да нагласам дека таа се надоврзува на досието на Северна Македонија во Брисел кое е кристално чисто според извештајот за 2020 година, со безусловна препорака за старт на преговорите. И за тоа македонските граѓани треба да се горди.

Ги консултираме најдобрите европски практики со сите земји членки кои имаат искуства за одделни аспекти на нашата „Агенда: Европа дома“. Од нив имаме безрезервна поддршка.
Сите реформи сакаме да ги направиме на принципиелна основа, низ темелно согледување на состојбите и систематско решавање на проблемите, а не со избрзани и половични решенија. 

Нема да го испуштиме овој момент затоа што спроведувањето на обврските од „Агенда: Европа дома“  е  во интерес на нашите граѓани и генерациите коишто доаѓаат после нас и заради нашата земја.“

 


 

Вицепремиерот Димитров за „Агенда: Европа дома“: За да успееме на патот на европеизацијата, мора да сме добро организирани и координирани и да се осигуриме дека одговорноста ја чувствуваме сите

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров заедно со претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев по владината седница на која беше усвоен документот „Агенда: Европа дома“, на прес-конференција информираа за деталите  од оваа Агенда со која се  потврдува владината одлучност да се имплементираат европските стандарди и вредности во секој сегмент од нашето општество. 

На прес-конференцијата на која присуствуваа и заменик-претседателот на Владата  задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, министерот за правда Бојан Маричиќ и министерот за финансии Фатмир Бесими, вицепремиерот Димитров истакна дека е изготвен обемен план со приоритетни цели во најважните реформски области, конкретни активности и рокови за нивно исполнување и буквално претставува патоказ што ќе треба да го следат сите надлежни институции спроведувајќи реформски чекори што СЕП ќе ги мониторира, турка и за чијашто динамика на исполнување или застој редовно ќе информира. 

Обраќањето на вицепремиерот Димитров ви го пренесуваме во целост:

„Денеска сум тука да ви ја претставам „Агенда: Европа дома“ - клучен документ што ќе биде водич низ реформите што се пред нас годинава. 

СЕП ги мапираше препораките на Европската комисија, Советот на Европа, Венецијанската комисија, ГРЕКО, извештаите и препораките од група високи експерти и од други извештаи и од сите овие наоди, заедно со обврските што ги имаме преземено од Спогодбата за стабилизација и асоцијација, изготвивме обемен план со приоритетни цели во најважните реформски области, конкретни активности и рокови за нивно исполнување. 
Зборуваме буквално за патоказ што ќе треба да го следат сите надлежни институции спроведувајќи реформски чекори што СЕП ќе ги мониторира, турка и за чијашто динамика на исполнување или застој редовно ќе информира. 

Создадовме план за вистински да ги поместиме нештата, изработен заедно со надлежните министерства што ќе бидат впрегнати во исполнувањето на овие задачи, со Делегацијата на ЕУ во Скопје како партнер и имавме консултации со граѓанскиот сектор. 

Целта на овој документ не е да ги замени веќе постоечките стратегии, акциски документи и самата Програма за работа на Владата - напротив, тој е целосно комплементарен и ги отсликува реформските заложби. Но, она што овој хоризонтален документ треба да го овозможи е мапирање на клучните чекори и нивно будно следење, заедно со притисок за исполнување на дадените рокови. 
Она што е важно во креирањето на секоја стратегија се механизмите за контрола на спроведувањето. Документот што го имаме дава јасна слика не само на сите задачи што се поставени во нашиот реформски план и што имаме обврска да ги исполниме, туку и точно делегира надлежности и одговорност. 

Имајќи ја предвид новата структура на Методологијата за пристапување кон ЕУ, согласно групирањето на поглавјата од европското acquis, документот се фокусира на кластерот Темели, кластер што ја диктира и динамиката на самите преговори. Реформите предвидени тука се наш прв приоритет - изборните реформи, правосудството, борбата против криминалот и корупцијата, основните човекови права, реформите во медиумската сфера, економското владеење и реформата на јавната администрација. Дополнително, документот вклучува и приоритети во областа животна средина и климатски промени, бидејќи политиките во оваа област се едни од најважните за квалитетот на животот на сите граѓани. 

Како што гледате - се' се ова полиња во коишто си имаме работа. Токму затоа неопходен беше еден ваков сеопфатен план со јасни задачи и рокови за сите вклучени. Јас и во моето излагање за 100-те дена од новата Влада кажав дека без разлика на одложувањето на процесот, ние нема да креваме раце и паралелно со битката за формален почеток на пристапните преговори, ќе си ја туркаме и домашната агенда на промени. Меѓу другото, тоа мене, како вицепремиер за европски прашања ми е и еден од главните мотиви и предизвици - напредокот за којшто зборува ЕУ во Извештаите, да го симнеме од лавиринтите на хартиите и администрацијата на ниво на коешто ќе го почувствуваат самите граѓани, преку коренити промени во функционирањето на самиот државен систем.

Не' чека многу работа. Ама и јас и СЕП и Владата – или можеби посоодветно обратно и Владата и СЕП и јас – сме подготвени да ги впрегнеме институциите и да ги разбиеме митовите дека стратегии и планови се прават само тогаш кога се сака да се избега од вистинска работа. Целта ни е да обезбедиме фокус, следливост и отчетност во реформските чекори – за да имаме конкретни резултати.
Накратко ќе ги презентирам клучните чекори во полињата што ги споменав и што ќе бидат главен фокус:

Главната цел на мерките во однос на правосудството се во насока на создавање клима и услови за унапредување на владеењето на правото, преку целосно спроведување на веќе донесената законска рамка и со јакнење на човечките и техничките капацитети на судовите, јавните обвинителства, истражните центри, како и во Академијата за судии и јавни обвинители. 

Борбата против корупција е важна повеќе од било кога и сите институции од судската, законодавната и извршната власт мора да дадат свој придонес во искоренувањето на овој проблем. Токму затоа, целта на мерките во оваа област е да се овозможи систем за евиденција на предмети од висок профил на корупција, подобрување на соработката меѓу ДКСК и Владата, а под координација на колегата вицепремиерот Николовски да се овозможи целосно спроведување на препораките на Комисијата од страна на надлежните институции. Дополнително, се предвидува зајакнато спроведување и активно следење на мерките за зачувување на статусот на Охрид како град на УНЕСКО. 

Во однос на медиумските реформи, целта ни е да ги овозможиме сите услови за јакнење на професионалноста и независноста на јавниот радиодифузен сервис и Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, а процесот на целосно усогласување на домашно со европското законодавство ќе придонесе кон модернизација на медиумскиот сектор. Во исто време, ќе ги продолжиме сите напори за континуирана заштита на новинарите, како што тоа доликува во една демократска земја. 
Преку целосно спроведување на Планот за економски реформи и унапредување на законската и стратешката рамка за управување со јавни финансии ќе ги оствариме зацртаните цели во областа економско владеење и управување со јавните финансии. Секторските структурни реформи ќе придонесат кон промовирање на конкурентноста и растот и ќе се обезбеди целосно почитување на правилата за државна помош. Предвидени се мерки за усогласување на Законот за јавно приватно партнерство и Законот за концесии со европското законодавство, како и за понатамошно спроведување на мерки за забрзана интеграција во Единствениот регионален пазар.

Реформата на јавна администрација останува една од клучните заложби на Владата. Во овој дел, продолжуваме посветено со процесот на реорганизација и оптимизација на државните институции и се фокусираме на начелата на транспарентност, системот на професионални заслуги и обезбедување на соодветна и правична застапеност на етничките заедници. Силно ќе заложиме за унапредување на законодавниот процес, проценка на влијание на регулативата и консултациите со јавноста. Ќе продолжиме со дигитализација на процесите оти само така може да создадеме побрзи, поедноставни и поефикасни услуги за сите граѓани и бизниси. 

Иако сме во финална фаза на подготовка на Националната програма за усвојување на правото на Европската Унија за периодот 2021-2025, во која детално се предвидува усогласување на сите поглавја од европско право во домашното законодавство, „Агенда: Европа дома“ издвојува и мерки кои се дел од поглавјето животната средина и климатските промени. На овој начин ги реафирмираме досегашните напори и заложби на Владата за адресирање на проблемите чие решавање ќе значи подобар квалитет на живеење за секој граѓанин. Во оваа област, целта ни е понатамошно усогласување на нашето законодавство со правото на ЕУ, но и креирање на конкретни политики кои ќе го подобрат квалитетот на воздухот, управувањето со отпадот и ќе ги адресираат климатските промени. 

Реформскиот процес, процесот на европеизација, е долг. Всушност, тој никогаш не запира, бидејќи секогаш ќе се стремиме кон подобро, прифаќајќи ги напредокот и развојот на европското законодавство, на вредностите, на технологијата. Затоа, никогаш нема да се откажеме од нашиот пат, од европеизацијата, од владеењето на правото и бескомпромисната борба против корупција, од почитување и заштита на демократските принципи и основни човекови права, од силна економија, од слободни медиуми. За да успееме на овој пат, мора да сме добро организирани, и координирани и да се осигуриме дека одговорноста ја чувствуваме сите, исто како што сите учесници во една штафета се подеднакво одговорни палката да стаса до целта. 

Но бидејќи ниту една штафета не може да се истрча без соодветна подготовка, СЕП, како главен мотор на процесот на европеизација ќе пристапи кон ревизија на механизмот за управување и координација на пристапните преговори, заради негово усогласување со Новата методологија за преговори на ЕУ. Ова значи дека ќе ги ревидираме структурите за преговори, грижејќи се за соодветна координација и инклузивност на процесот, за сите општествени чинители и фактори да си го најдат своето место, за да бидеме спремни во моментот кога стартот ќе биде најавен. И за СЕП има домашни задачи во Европа дома.

За крај, дозволете ми да подвлечам дека согласно заложбите на Владата за транспарентност, реализацијата на Планот ќе биде следена низ транспарентен и инклузивен процес. Преку соодветна матрица која детално ги разгранува активностите за секоја цел во областите од „Агенда: Европа дома“, СЕП ќе го следи спроведувањето на неделна основа, а јас ќе ја информирам Владата на секоја седница со неделен пресек на имплементацијата. Дополнително, врз основа на податоците за спроведувањето ќе подготвуваме и до Владата ќе доставуваме Извештаи за спроведување на „Агенда: Европа дома“, и тоа во мај, во септември и во декември оваа година. Ваквата динамиката на следење ќе ја следи динамиката на подготовката на Извештајот на Европската комисија, а Извештаи ќе се објавуваат на веб-страните на Владата и СЕП. На овој начин, ќе овозможиме јавноста да го следи спроведувањето на реформите, но и ќе осигуриме континуиран дијалог со сите заинтересирани страни. “