Владина делегација предводена од премиерот Груевски во официјална посета на Катар

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, од утре(недела, 25.03.2012 година) ќе престојува во дводневна официјална посета на Државата Катар.

 

            Во рамките на посетата, претседателот на Владата Груевски ќе оствари средби со г-дин  Шеик Хамад бин Калифа ал Тани, емир на Државата Катар и со г-дин Шеик Хамад бин Џасмин бин Џабор Ал-Тани, премиер и министер за надворешни работи во Емирскиот Диван на Државата Катар.

Владината делегација, предводена од премиерот Груевски, а во чиј состав се и г-дин Зоран Ставрески, заменик на претседателот на Владата и министер за финансии, г-дин Бил Павлески, министер без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции и г-дин Виктор Мизо, директор на Дирекцијата за технолошко - индустриските развојни зони, ќе оствари и повеќе средби, состаноци и форуми за економска промоција на Република Македонија и презентација на поволностите кои земјата ги нуди за привлекување на странски директни инвестиции.

Премиерот Груевски, во функција на засилување на економската соработка, ќе оствари средба со г-дин Мохамед бин Салех Ал-Сада, министер за енергија и индустрија во Владата на Државата Катар.

Владината економска делегација ќе присуствува и ќе се обрати на бизнис форумот во главниот град на Државата Катар, Доха на кој ќе присуствуваат претставници на катарски државни агенции и приватни компании и катарски стопанственици.

Претставниците на владиниот економски тим, предводени од премиерот Груевски, ќе остварат посета на повеќе катарски владини агенции и институции кои се задолжени  за инвестиции на капитал во странски земји како што се:

Хасад Компани(Hassad Company), катарска владина агенција за инвестиции во земјоделството и агробизнисот,

Катар Холдинг(Qatar Holding), катарски владин инвестициски фонд, чиј делокруг на работа е инвестиција во јавни и приватни компании во секторите индустрија и инфраструктура, телекомуникации и технологија, недвижности, трговија, земјоделство и стоки,

Катар Диар(Qatar Diar), катарска агенција за развој, чиј делокруг на работа опфаќа градежништво, транспорт и реализација на развојни проекти,

Катар Петролеум(Qatar Petroleum), е владина компанија, чиј делокруг на работа е нафтената индустрија и индустријата за природен гас.