„Со зелени енергетски проекти ревносно ја следиме еколошката агенда на државата, согласно Европската зелена агенда, односно ја спроведуваме праведната транзиција од јаглен во еколошки енергенси за производство на електрична енергија“, истакнува премиерот Заев во интервјуто за електронското издание на словенечкиот дневен весник „Дело“.
Претседателот на Владата Заев за словенечката јавност го потенцира интересот на земјата за инвестиции во енергетиката за постепено преминување кон обновливите извори на зелена енергија.
„На местата каде што претходно функционираа рудниците за јаглен и загадувачките термоцентрали сега се градат фотонапонски електрани или гасни електро-централи, како што е трансформацијата на термоцентралата „Неготино“ со проценета инвестиција од 200 до 500 милиони евра за нови 100 мегавати зелена енергија. Овие денови започнува изградбата на втората фаза од ветерниот парк Богданци 2, инвестиција вредна 21 милион евра. Дополнително започнува реализацијата и на нови ветерни паркови во Св. Николе, Демир Капија и во Дебрца“, вели Заев за „Дело“.
Премиерот Заев одговара и на интересот на медиумот за останатите енергетски проекти.
„Влеговме во втората фаза од огромниот проект Чебрен за изградба на хидроцентрала за која се квалификуваа 9 од 10 пријавени конзорциуми или компании од Европа и Кина. Станува збор за проект вреден меѓу 600 и 800 милиони евра и тоа само по себе ја покажува сериозната намера за успех“, нагласува Заев за „Дело“.
Во интервјуто за „Дело“ Заев говори и за изградбата на магистралните гасоводи низ целата држава за кои наскоро ќе заврши и тендерската постапка за избор на приватен партнер за изградба на дистрибутивната мрежа на природен гас до македонските градови.
„Со изградбата на Интерконекторот со Грција, проект вреден 54 милиони евра, од кои 14 милиони се грант од инвестициската рамка за Западен Балкан, наместо да биде присутен само еден извор на гас, со што државата, со години, се држеше во монополска позиција, отворена е можноста да влезе и азербејџанскиот гас како и течниот гас од Америка, од Катар и од Турција. Влеговме во постапка и за прва директна државна инвестиција во гасниот терминал во Александрополис во Грција и во гасната централа исто така во Александрополис“, потенцира претседателот на Владата Заев во интервјуто за електронското издание на „Дело“, и дополнува дека во фаза на проектирање е гасоводна врска со Косово и со овие два проекти, Северна Македонија ќе биде транзитна држава со природен гас и еден од главните играчи во регионот.