Заменик министерот за труд и социјална политика Енвер Хусејин денес учествуваше на онлајн средбата во организација на движењето на родители на деца и лица со телесна попреченост-НВО ПРКОС.
Настанот беше организиран под мотото ,,САКАМ МОЖАМ-АЈДЕ ЗАЕДНО" , со цел подигање на свеста за лицата со церебрална парализa.
По повод 25-ти март, денот за подигање на свеста за церебрална парализа, заменикот –министер Хусејин истакна дека Министерството за труд и социјална политика и во условите на пандемијата и корона кризата, посебен фокус стави на заштита на децата и лицата со попреченост.
„Министерството за труд и социјална политика во дел од социјалната реформа која што ја спроведува опфаќа и обезбедување на поддршка за децата и семејствата кои имаат потреба од нивно вклучување во активности надвор од домот, како што се дневните центри“, истакна Хусејин. Тој посочи дека на тој начин се овозможува за децата и лицата со церебрална парализа да се зголеми вклученоста во заедницата.
„Се намалува старосната граница од 18 на 6 годишна возраст на децата со попреченост за користење на услугата личен асистент која наскоро ќе биде достапна за сите оние на кои што им е потребна“, потенцираше Хусејин.
Тој истакна дека со новиот Закон за социјална заштита се воведоа нови права кои што не биле предвидени, како што е правото на паричен надоместок за попреченост, кое што порано е користено само од лицата со најтешка телесна и сетилна попреченост, а сега е проширено и на лицата со тешка или длабока интелектуална попреченост. Потоа, услугите за лична асистенција и услугата за помош и нега во домот, услугата за одмена на семејна грижа, рехабилитација и реинтеграција на лица кои се соочуваат со социјални и/или здравствени проблеми, психо-социјална поддршка, терапевтска работа, работно-окупациона терапија, поддршка за стекнување на работни вештини и вештини за вработување, реинтеграција и самостојно живеење.
„Министерството за труд останува посветено на спроведување на де институционализацијата и децентрализацијата преку соработка со партнери како Делегацијата на ЕУ во Скопје и Светска Банка се со цел да се воспостават социјални услуги во заедницата базирани на потребите на лицата со попреченост“, истакна Хусејин.
Тој потсети дека преку проектот за подобрување на социјалните услуги, проект кој Министерството го работи заедно со Светска Банка во текот на 2020 година беше објавен повик на кој 24 општини ги исполнија условите и започнаа со развивање услугите на помош и нега за стари лица во домот, помош за лица со попреченост, отворање дневни центри за стари лица и за лица со попреченост како и поддржано живеење.
Министерството за труд и социјална политика продолжува да соработува и да дава поддршка со сите чинители во општеството со цел обезбедување на подобри услови и можности за лицата со попреченост како составен дел од заедницата и од општеството.