Промовирани 15 наслови од медицинските науки од проектот за превод на 1.000 стручни книги
Медицинскиот факултет во Скопје ја збогати својата библиотека со нови 15 наслови од проектот на Владата за превод и печатење на 1.000 стручни книги од кои се учи на најреномираните универзитети во светот. Факултетот сега располага со 57 изданија на македонски и на албански јазик.
Основи на оториноларингологија, Клиничка анестезиологија, Меритова неврологија, Администрација на јавното здравство, Клиничка гинеколошка онкологија... се меѓу новите наслови и со нив, од почетокот на проектот (јануари 2009), досега се преведени и дистрибуирани 577 книги.
- Се работи за книги кои се користат на највисоко рангираните универзитети, напишани од автори кои во моментов имаат најсовремени научни достигнувања, кои се најценети и највисоко платените професори од различни области на медицината и се доктори на најпознати медицински центри во светот. Нивното знаење и искуство може да се пренесе кај нашите студенти, научни работници, докторанди и професори, рече премиерот Никола Груевски кој на 34-тата промоција во овој проект беше со министрите за образование и наука и за здравство, Панче Кралев и Никола Тодоров.
Тој ги повика професорите да ја почитуваат врвната и актуелна научна мисла и овие учебници да ги користат како примарна, а не како дополнителна и помошна литература.
Претседателот на Владата рече и дека ќе продолжат инвестициите во здравството и проектот за изградба и реновирање на клиниките, болниците и другите јавни здравствени установи.
Министерот Кралев рече дека со проектот значајно се унапредува образовниот систем во Македонија, а со преводот на медицински книги и едукација на лекарите се подобрува здравствениот систем. Додаде дека двете се зависни едно од друго.
- Колку понизок степен на образование, толку повисока застапеност на болести.... Добрата едукација во здравството се однесува превенствено на лекарите. Што подобра стручна и научна наобразба на лекарите, тоа поквалитетно здравство, истакна Кралев.
За новата тура наслови и четврта промоција на Медицинскиот факултет, се заблагодари деканот Никола Јанкуловски. Тој истакна дека добрата дијагностика и третманот на пациентите зависи од многу фактори, но пред се од знаењето и вештините на медицинскиот персонал.