Денеска заменикот на Претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, одржа работен состанок со Директорката на Централниот регистар, Марија Бошковска Јанковски, на којшто беше презентирано функционирањето на новиот Национален регистар за вистински сопственици. Впишувањето на вистинските сопственици во секое правно лице во регистарот, започна на 27- ми јануари годинава и трае до 27-ми април. Заклучно со денешниот ден, во Регистарот се впишани 16.720 субјекти.
Вицепремиерот Николовски посочи дека со новиот регистар, се зајакнува контролниот механизам и сигурноста во правниот промет во државата.
„Со овој регистар се добива вистинска слика на сопствеништвото во бизнис секторот во државата и точно ќе се знае кое лице и во колку компании има сопственост, кои се тие компании, каде има удел, колкава е висината на уделот, каде е евентуално претседател на управен одбор и друго. Овој Регистар ќе придонесе за зголемување на сигурноста во правниот промет во земјата, а истовремено ќе ги зајакне механизмите за борбата со перење на пари и финасирање на тероризмот во нашата држава, рече вицепремиерот Николовски.
Директорката Бошковска Јанковски, ја потенцираше важноста на Регистарот на вистински сопственици кој ќе придонесе за зајакнување на транспарентноста на сопственоста на правните лица и спречување на нивна злоупотреба за криминални цели.
„Бесплатно поднесување на пријави за упис во Регистарот може да се изврши до 27.04.2021 година. Подносител на пријавата за упис на вистински сопственик може да биде секое лице кое поседува валиден дигитален сертификат и кое е овластено од правниот субјект преку системот на администраторот. Доколку не ја изврши оваа законска обврска, може да биде исклучен од платниот промет“, рече Бошковска Јанковски.
При тоа, директорката Бошковска Јанковски, го информираше вицепремиерот Николовски, дека Централниот регистар во наредниот период е фокусиран на унапредување на соработката со Инспекцискиот совет и на развивање на проектот за создавање на централна платформа за евидентирање на издадени лиценци и дозволи кои би биле интегрирани во тековната состојба на правниот субјект, кои исто така се важни за борбата со корупцијата. Инаку, годинава Централниот регистар е добитник на Мерит наградата за иновативност која ја доделува Светскиот форум на корпоративни регистри. Наградата се однесува за проектот Заедничка платформа за отпочнување на бизнис, со која ЦР ја збогати палетата услуги кои деловната заедница може да ги користи преку едношалтерскиот систем и тоа токму во доменот на отпочнување на бизнис.