Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев во изјавата за медиумите по средбата со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски истакна дека теми на разговор на средбата биле пописот на населението, имунизацијата од КОВИД-19, изборниот законик и унапредувањето на демократските модели за локалните и парламентарните избори и деблокадата на работата на Собранието.
Во продолжение ви ја пренесуваме изјавата на премиерот Заев во целост:
„Во текот на средбата направивме пауза за да ги консултирам претседателот на државата, претседателот на Собранието, министерот за правда, директорот на Државниот завод за статистика, како и поголемите коалициони партнери ДУИ и БЕСА, а во среда имам состанок со АА и Алтернатива на која ќе разговараме за државјанствата како и за темите за коишто денеска разговаравме.
Постигнавме договор заради имунизацијата на населението, и заради можноста да се прими и втора вакцина од страна на попишувачите, да го одложиме пописот на населението во земјата и тоа да се одржи во периодот 5 до 30 септември, со што се одлагаат и локалните избори и наместо како што е пропишано да се одржат во прва половина на октомври да бидат одложени за втора половина на октомври.
При тоа секако многу е важно што состојбите согласно информациите кои ги споделив со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ за она што значи имунизација на населението која почнува од среда, од 31 април, се очекувањата, согласно договорите кои ги имаме со КОВАКС, со „Фајзер“, од ЕУ, договорите од Кина, од Русија до крајот на април да имаме 350.000 вакцини.
Дијаспората ќе продолжи да се попишува во целиот овој период, заклучно до 30 септември тоа ќе даде можност сите бидат мотивирани и да се попишат масовно.
Ова е многу важна статистичка операција, за ова одлагање постигнавме согласност и со најголемата опозициона партија, а верувам дека со тоа ќе се согласат и најголемите опозициони партии од албанската националност АА и Алтернатива, а испраќам порака и до Левица, и очекувам и од сите да испратиме порака до граѓаните да се попишуваат.
Логично е да внимаваме да не се поклопи кампањата со пописот, па така кампањата за локалните избори ќе почне после 30 септември, односно од 1 октомври па натаму, со конечна цел да постигнеме во втората половина на октомври да имаме прв изборен круг и во првата недела или првата половина на ноември да го имаме вториот изборен круг од локалните избори.
Делот којшто го договоривме за деблокирање на Собранието е исто така многу важен. Законите како што се за клиничкиот центар, за легализација на бесправните градби, за петтиот пакет мерки со 100-те милиони евра од Европската инвестициона банка за кредитите за малите и средните претпријатија, законските измени за АВМУ и МРТВ кои се заглавени повеќе од година и пол, законот за државјанство, законите поврзани за пензионирање со 64 години, законите од екологијата и сите други закони, како и поддршка за сите закони кои се во нашата европската агенда и законите коишто значат помош за населението и стопанството.
Покажавме доблест и големина со тоа што прифативме уште утре да влезе изборниот законик отисокот на прст којшто е договорен да влезе во процедура. Земавме обврска веднаш да продолжат работните групи и да разговараат за унапредување на изборниот законик, пред сè за вградување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, како за барањето на владејачките партии за отворени листи за советници и барањето на ВМРО-ДПМНЕ за избор на градоначалник во прв изборен круг со 30% поддршка на кандидат од вкупниот број на гласачи во општината.
За редовните парламентарни избори ќе ги разговараме нашите барања и барањата на помалите политички партии за една изборна единица, како и да се разгледа можноста за нашата дијаспора, покрај гласањето во дипломатско - конзуларните претставништва да може да гласа и на други гласачки места.
Сите овие работи се координирани со најголемите коалициони партнери во Владата. Ќе ја искористиме приликата да искоординираме и со помалите коалициони партнери затоа што денеска разговарав и во нивно име за да ја испратиме пораката дека ова не е договор само меѓу две партии, туку разговори кои произлегуваат од грижата сите да бидат консултирани и вградени за да успее целиот процес, и од намерата да покажеме доблест и за барањата на опозицијата. Верувам дека на овој начин подобро ќе им служиме на сите граѓани.“