Реконструиран студентскиот дом во Битола, обезбедена пристапност за студенти со попреченост

Гордост е да се види дека со партнерство помеѓу централната власт, локалната власт и меѓународните партнери може да постигнеме одлични резултати кои се во интерес на сите оние кои што студираат и ги користат условите на овој студентски дом. Знајачно е што овој студентски дом станува пристапен за лицата со попреченост, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска, при посетата на студентскиот дом „Кочо Рацин“ во Битола, каде што за прв пат се адаптирани услови за студентите со атипичен развој.

„Наша главна водилка низ процесот на образование  е да сите ученици независно од нивниот развој имаат пристап до сите услуги, како основно, средно и високо образование, но исто така и пристап до сместувачките капацитети, потенцираше Царовска. 

Министерката појасни дека пред неколку седници Владата ја усвоила информацијата за отварање на програма за инвестирање во сите студентски домови кои што треба да станат енергетски ефикасни, но истовремено и современи и модерни за да можат да бидат користени од сите ученици, вклучително и на оние со атипичен развој и оние кои имаат различни потреби за поинаков и посоодветен пристап до истите тие згради.

 
„Токму овој студентски дом во иднина ќе го користиме како модел за пристапност, но исто така и за начинот на кој што собите и целата инфраструктура е поставена“, рече Царовска. 

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски истакна дека овој проект е реализиран врз основа на идеите на граѓаните преку Центрите за плански региони. 
„Успеавме на студентите со посебни потреби да им овозможиме катче каде што ќе се чувствуваат пријатно за време на нивниот престој тука“, изјави Милевски
Амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер, истакна дека е задоволство да се види проект кој ги поддржува младите луѓе кои се иднината на државата. 

„Горда сум на тоа дека ова е процес во кој беа вклучени граѓаните од целиот регион. Овој дом може да биде пример за тоа како треба да да се реконстриураат и останатите домови во државата, додаде Сутер. 

Според градоначалничката на Општиона Битола Наташа Петровска, ова е успешен проект на инклузија. 

„Со овој проект се докажува дека сите имаме различни потреби за поддршка, а кога тие ќе се надминат, се добива шанса за поубаво живеење на сите заедно. Денешниот проект е показател на сето тоа дека светот може да биде поубаво место за живеење“, изјави Петровска.