„Прво треба да најдеме решение со Бугарија билатерално и тоа е патот“, рече премиерот Заев во интервјуто за ТВ Канал 5 и додаде дека договорите со Грција и Бугарија ги постигнавме билатерално, а потоа на сцена да стапи ЕУ да ни го испорача тоа што го заслуживме.
„Јас велам дека ЕУ требаше да смогне сили и да најде начин да го деблокира нашиот процес за членство во ЕУ, но сепак останува ова прашање да го решиме билатерално. Не е интерес ниту на Бугарија оваа ситуација и после изборите ќе седнеме. Знам како е во пресрет на избори да носиш одлуки и знам колку е полесно да носиш одлуки после тоа“, истакна премиерот Заев.
Заев нагласи дека во последниот неодамнешен телефонски разговор со премиерот на Бугарија Борисов се договориле веднаш после изборите да започнат разговорите, и дека е убеден дека постои решение кое ќе биде прифатено за двете страни.
„Јас сум учествувал во донесување договори од интерес на страните што се инволвирани. Македонскиот јазик и идентитет не се теми за кои се преговара, ниту се разговара. Тоа го сфати и Ципрас кога го решававме спорот со Грција. Има теми за историчарите, но тие не треба да бидат пречка за иднината. Треба да биде јасно дека станува збор за два различни народа со заеднички делови од историја и искрено верувам ќе имаме решение, а после тоа ќе следува меѓувладината конференција со ЕУ за отворање на преговорите по поглавја“, рече премиерот Заев во интервјуто за ТВ канал 5.