Владата на Република Северна Македонија денеска го утврди текстот на Предлог-законот за изменување на Законот за данокот на добивка со кој се одредуваат непризнаените расходи со што се создава можност за зголемување износот на регрес за годишен одмор кој што ќе се третира како признаен расход за даночни цели, како мерка од петтиот пакет економски мерки за ревитализирање на економијата во услови на КОВИД-19.
Во истата насока на олеснување на работата на компаниите во услови на КОВИД-19, со предложените измени и дополнувања се предлага како признаен расход да се признаваат и платените лабораториски тестови за КОВИД-19 што ги прават компаниите за своите вработени.
Со измените се овозможува и покривање на загубите без обврска истите да се претходно покриени согласно Законот за трговските друштва и се пропишува рок во кој Управата за јавни приходи е должна да издаде согласност по однос на барање за признавање како расход на амортизацијата на преостаната сегашна вредност на средствата.
На оваа седница се прифатени измените и дополнувањата на Програмата за изградба и реконструкција на основни училишта за 2021 година и на Програмата за изградба и реконструкција на средни училишта за 2021 година.
Со измените и дополнувањата се обезбедуваат дополнителни 31.400.000,00 денари за изградба и реконструкција на основни училишта за 2021 година, како и дополнителни 2.800.000,00 денари за изградба и реконструкција на средни училишта во текот на оваа година.
На предлог на Министерството за одбрана на седницата е разгледана информацијата е донесена одлука за влегување и престој на странски вооружени сили на територијата на Република Северна Македонија заради учество на вежба „Одлучен удар 21“.
Се работи за воена вежба која ќе се одржи во период од 28 април до 30 јуни 2021 година и која е дел од големата годишна, здружена, мултинационална вежба „DefenderEurope – 21” со учество на околу 1300 припадници на Армијата на Република Северна Македонија и активно учество на 500 припадници од Вооружените сили на Соединетите Американски Држави, 20 припадници од Вооружените сили на Република Грција и 20 припадници од Вооружените сили на Република Бугарија, со возила, вооружување, опрема, материјално-технички средства и воздухоплови.
На денешната седница Владата ја разгледа и усвои Информација за обезбедување на средства за купување на реагенси и потрошен лабораториски материјал за потребите на Институтот за имунобиологија и хумана генетика на Медицинскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во износ од 6.000.000,00 денари.
Одобрените средства се наменети за проектот „Имуногенетски профил на пациенти со тешка клиничка слика на КОВИД-19“ кој ќе опфати анализа на најмалку 100 пациенти со тешка слика на болеста како и членови на нивни семејства и околу 1000 пациенти со прележан КОВИД–19 за да се дојде до одговори на повеќе прашања, од кои најважно е зошто кај некој луѓе таа поминува како безопасна, а кај други може да биде исклучително тешка и дури и фатална.
Владата го разгледа и го усвои Извештајот за реализација на Програма за поддршка на угостителскиот сектор во Република Северна Македонија во рамките на економските пакети за поддршка за справување со последиците од КОВИД кризата која се реализираше во периодот ноември и декември 2020 година со буџет од 60.000.000,00 денари.
Според информацијата заклучно со 04.12.2020 година, до Министерството за економија преку платформата www.domasiedoma.gov.mk пристигнале вкупно 238 апликации за грантови за ресторани за свадби, од кои 133 ги исполнија условите од јавниот повик и беа искористени средства во износ од 55.740.000,00 денари.
Со оваа програма беа опфатени и игротеките со вкупен буџет од 153.000.000,00 денари. На јавниот повик за поддршка на игротеките пристигнаа вкупно 119 од кои 81 ги исполнија условите и беа искористени средства во износ од 13.710.000,00 денари.
Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и ја усвои Информацијата за поднесување кандидатура на Република Северна Македонија за прием во полноправно членство во Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот – ИХРА, и го задолжи Министерството за надворешни работи, во соработка со Министерството за образование и наука, да ја спроведе постапката за подготовка на апликацијата за прием во полноправно членство во ИХРА.