Германски бизнисмени заинтересирани за поволните инвестициски услови во Македонија

Владината делегација предводена од вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски денеска ќе ги претстави македонските инвестициски можности пред претставници на 40 компании во Штутгарт.

Утре, како што изјави Пешевски, деловните предности и поволностите на Македонија ќе бидат презентирани и во Дизелдорф, но пред јапонски компании кои го имаат избрано овој град за свој локален центар.

Ова е договорено во ноември минатата година, но има уште повеќе смисла сега, по посетата на премиерот Никола Груевски на Јапонија. Интересот е голем и средбите ќе бидат на високо ниво со оглед дека се најавени првите луѓе на јапонските преставништва кои директно ќе се запознаат со она што го нуди Македонија  како инвестициска дестинација, рече заменик претседателот на Владата.

Во текот на вчерашниот ден и претпладнево, владиниот тим предводен од Пешевски беше во Улм. Покрај средби со бизнис заедницата главно претставена преку мали и средни претпријатија од сферата на обновливите извори енергија и заштитата на животната средина, оствари и посети на научно-истражувачки центри.

- Германија важи за најразвиена држава во Европа поради што за нас беше интересно да видиме како тука се реализира соработката меѓу индустријата, науката и државата. За таа цел го посетивме научниот парк во Улм каде голем број компании имаат свои истражувачки центри. Разговаравме за некои модели што би можеле да се применат и во Република Македонија. Го посетивме истражувачкиот центар за обновливи извори на енергија и за електрична мобилност при што беше договорено да воспоставиме соработка меѓу нашите и овој Институт најпрво во делот на образованието, односно испраќање наши студенти на магистерски и докторски студии, истакна Пешевски.

Владината делегација во која покрај вицепремиерот се и министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции Веле Самак, како и директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија Висар Фида, ја посетија и современата пречистителна станица за отпадни води на Улм. Тамошните локални власти предложиле да поддржат изградба на мал пилот проект од таков вид во Скопје.