Новиот Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали кој е дел од планот за реформа на националниот образовен систем е изготвен врз основа наанализи на позитивни практики од повеќе развиени земји во Европа кои го имаат надминато системот на класична употреба на учебник. Воспоставувањето на систем на отворени образовни ресурси е тенденција кон која се стремат и земјите во развој, вклучително и Северна Македонија.
Тоа е една од клучните придобивки кои ги обезбедува новото законско решение, а во интерес на унапредување на квалитетот на наставата и воопшто на воспитно образовниот процес во државата. По секој предмет повеќе нема да постои само еден извор на информации, туку ќе се користат најмногу до три учебници, што ги насочува учениците кон истражување и анализа пред да донесат заклучоци и да меморираат знаења.
Дигитализацијата пак, ќе обезбеди лесна достапност на материјалите за учење, кои стануваат интерактивни и збогатени со мултимедиални содржини - филмови, анимации, видео прикази, галерија на слики и задачи, како и нивно поедноставно ажурирање со најнови податоци и факти пред почетокот на секоја учебна година. Но, имајќи ја предвид автономијата на наставниците во изборот на материјали и средства за настава, тие можат да отпечатат дел од материјалите за потребите на часот, односно училиштата ќе можат целосно да го отпечатат учебникот за секој ученик кој поради било каква причина немаможност да ги користи електронските учебници.
Така што, материјалите за учење и понатаму остануваат бесплатни за сите ученици, вклучително и за учениците со оштетен вид за кои државата ќе печати учебници на Брајово писмо, покрај достапноста на секој учебник во аудио формат. Инклузивноста е основен принципи врз кои е создадено новото законско решение, кое меѓудругото ќе обезбеди и учебници без грешки, нелогичности и стереотипи, како и содржина која ќе биде напишана на авторски јазик разбирлив за учениците и соодветната возраст на учениците.
МОН и Владата имаат должност целосно да ги исполнат приоритетите дефинирани во Стратегијата за образование 2018-2025 година со што националниот образовен систем ќе направи крупен исчекор кон интегрирањето во европскиот образовен простор. Северна Македонија нема друга алтернатива освен да вложува во квалитетно образование на своите граѓани, а за тоа неопходни се суштински промени од повеќе аспекти, меѓу кои и промени врзани за обезбедување на изворите на знаење и начинот на пренесување тие знаења кон учениците.