Царовска: Креираме политики за инклузивност, разликите се квалитет

Инклузивно образование, инклузивни училишта значат и квалитетно образование, образование во коешто нашите деца знаат да се препознаваат во своите разлики и тие да ги истакнуваат како квалитет, наспроти можност за дискриминација. Сензорната соба дава можност за подобар квалитет на учењето кај учениците со атипичен развој, но притоа не само за нив, туку и за сите ученици кои имаат потреба за користење на вакви дополнителни ресурси во училиштето, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска при посетата на ООУ „25 Мај“ во оппштина Гази Баба, каде беше отворена сензорна соба за потребите на учениците со атипичен развој. 

Училиштата, напомена Царовска, треба да станат центар на заедниците, како што тоа е пример во општината Гази Баба, каде со заеднички средства од реалниот сектор, Министерството, Владата се вложува во образованието. 

„Како Влада сме посветени да креираме политики коишто значат инклузивност. Тоа го гарантира новата концепција за основно образование, тоа го гарантира и новиот закон за учебници, којшто за првпат препознава аудио верзија од сите учебници коишто треба да се воведат и исто така учебници коишто се изготвени на Брајово писмо за да можат учениците со оштетен вид да ги користат учебниците, што не беше пракса до денеска, потенцираше Царовска, напоменувајќи дека е значајно за граѓаните да знаат дека овој пристап на нов тип на учебници се воведува сукцесивно.

 
„Следната година само во четврто одделение ќе имаме дигитални учебници, затоа што нашиот модел којшто го нудиме е комбиниран и овозможува различните потреби на учениците да ги пресретнеме со различен или поинаков тип на учебници“, додаде Царовска.

Градоначалникот Гази Баба Борис Георгиевски, напомена дека сензорната соба во ООУ „25 Мај“, која е опремена со сите наставни помагала за инклузија на децата со посебни образовни потреби, е донација од родителите и општествено одговорни компании. 

Како општина посветено работиме да го овозможиме правото на пристап и учество во образовниот процес. Со средства од општината ја уредивме и првата сензорна соба во ООУ „Кирил и Методиј“ во с. Стајковци, а трета година по ред со подршка на УНДП, се ангажирани седум образовни лични асистенти, кои се поддршка на учениците за време на следење на наставата“ рече Георгиевски, напоменувајќи дека оваа година, овие образовни асистенти се обезбедени со поддршка на МОН. 

Георгиевски истакна дека е започната изградбата на Центарот за сензорна интеграција во населбата Железара, во кој ќе бидат згрижени децата со посебни образовни потреби од основните училишта и градинките од општината, а се работи и на целосна имплементација на стратегијата за инклузивно образование во основните училишта во Гази Баба.

„Нашата цел е да создадеме модерни и целосно инклузивни образовни институции. Сите деца да бидат прифатени, вклучени и еднакви“ изјави градоначалникот на Општина Гази Баба, додавајќи дека наскоро ќе почне изградбата на нова училишна зграда на ООУ „Крсте Мисирков“ во населбата Ченто со средства на МОН и Владата.

Наставничката Сузана Курбадовиќ рече дека како училиште ја поддржуваат дигитализацијата.

„И сега симнуваме електронски учебници од веб-страната на Министерството за образование и со нив работиме. Како наставници,  поддржуваме воведување на дигитализирани учебници, кои ќе имаат и аудио-визуелни содржини, што на учениците со атипичен развој ќе им овозможи полесен пристап до наставната програма, посочи наставничката.