По трет пат, во 2021 година, Северна Македонија нотира успех од 100% при известувањето со податоци и информации во однос на повеќе медиуми од животната средина за претходната 2020 година, согласно обврската кон Европската агенција за животна средина – ЕЕА да доставува периодични и годишни податоци за состојбата со животната средина во нашата држава.
Македонскиот информативен центар за животна средина (МИЦЖС) како дел од Министерство за животна средина и просторно планирање известува со податоци за квалитетот на воздухот, емисиите во воздухот, биодиверзитетот, ублажувањето на климатските промени (национални инвентари за стакленички гасови) и водите.
Континуитетот на овие највисоки успеси на Македонскиот информативен центар за животна средина и Министерството се од особена важност во однос на одржувањето на техничката подготвеност на државата за членство во ЕЕА и усогласување со највисоките стандарди за мониторинг на животната средина во Европа.
Една од целите на ЕЕА е да се процени исполнителноста на земјите членки и соработнички со ЕЕА во однос на таканаречените Core Data Flows – приоритетен проток на податоци и информации кои се доставуваат до ЕЕА, со цел укажување на состојбата на националните системи за мониторинг и управување со податоците за животна средина, но и за техничката подготвеност за имплементација на електронските известувања со податоци и информации кон ЕЕА, како и за човечките ресурси – експертизата на националната мрежа на експерти – EIONET – чиј составен дел се претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање, но и Институтот за Јавно здравје, Управата за хидрометеоролошки работи и други државни институции кои придонесуваат за ефективно управување со податоците за состојбата со животната средина.
И покрај тоа што членувањето на Северна Македонија во ЕЕА е поврзано со членството во ЕУ, континуираниот процес на јакнење на капацитетите на националните експерти и потребите за одржливо планирање и инвестиции за реализација на националните приоритети за зајакнување на системите за мониторинг на животна средина – треба да бидат приоритети на највисоко ниво, поради зголемениот обем на работата во секторот животна средина во Европа, но секако и поради потребите од унапредување на состојбата и перспективата на животната средина во Северна Македонија.
Преглед на извештајот ТУКА.