Емирот на Катар со политичка поддршка на инвестициите во Македонија
Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска(понеделник, 26.03.2012 година), во Доха, Држава Катар, оствари средба со г-дин Шеик Хамад бин Калифа Ал Тани, Емир на Државата Катар.
Двајцата соговорници изразија задоволство од постојаното унапредување на билатералните односи помеѓу двете земји, и изразија силна посветеност за понатамошно продлабочување на соработката на секое ниво, особено во областа на економијата. На средбата беше поздравен политичко-економскиот дијалог на ниво на лидерите на двете земји кој постојано добива во квалитет и интензитет.
Премиерот Груевски, информираше за политичките и економските реформи кои ги спроведува Република Македонија, како дел од стратегијата за достигнување на стандардите за членство во НАТО и ЕУ. Специјален осврт беше посветен на делот на економската промоција на можностите на Република Македонија и поволностите кои ги нудиме како земја, за инвестирање, отворање и реализација на бизнис. Претседателот на Владата ги акцентираше специјалните проекти од областа на енергетиката, туризмот и градежништвото, при што беа соопштени можностите за модалитетите на конкретна соработка.
Премиерот Груевски, оценувајќи ја посетата за многу успешна и конструктивна, изрази и благодарност до Емирот Ал Тани за принципиелната поддршка на Државата Катар на политичките и економски интереси на Република Македонија.
Емирот Калифа Ал Тани, изразувајќи задоволство од интензитетот на билатералните односи, истакна дека во најскоро време Државата Катар ќе отвори свое дипломатско претставништво во нашата земја во функција на уште поголемо интензивирање на односите. Шеикот ја истакна заложбата на катарските власти за овозможување на авионска линија помеѓу двете земји, за што во идниот период ќе се преземат дополнителни чекори.
Емирот на Државата Катар, изразувајќи политичка поддршка за катарските инвестиции во нашата земја, позитивно ги оцени нашите заложби за привлекување инвестиции, и проектите за конкретна соработка во делот на енергетиката, туризмот и градежништвото, при што информираше дека во текот на наредниот месец специјална економска делегација на катарските власти и компании ќе ја посети Република Македонија со цел да се конкретизира и детализира можноста и модалитетот на воспоставување поблиска економска соработка и реализација на проектите во наведените области.
Соговорниците разговараа и на теми од областа на меѓународната политика и меѓународните економски односи.
Попладнево се очекува премиерот Груевски да се сретне и со г-дин Мохамед бин Салех Ал-Сада, министер за енергија и индустрија во Владата на Државата Катар, а потоа владината делегација ќе присуствува на бизнис форум со повеќе катарски компании и стопанственици каде од страна на економскиот тим на Владата ќе бидат претставени поволните услови за инвестирање во Република Македонија.