Премиерот Зоран Заев, на денешната седница за пратенички прашања, осврнувајќи се на случувањата на 27 април, оцени дека нивната поддршка или осуда ја прави разликата помеѓу актуелната Влада и поддржувачите.
„Денеска e 28 април, еден ден после 27 април - ден којшто не посакувам никогаш да се повтори, ниту во својата земја, ниту каде било во светот. Самиот собир на 27 април покажува на остатоците од едно мрачно и режимско време, политички инсталации на Никола Груевски, сè уште се слават обидите за напади на пратеници, новинари и народни избраници - навистина претставува нешто за кое може да се каже дека претставува „алтернатива“ со оваа власт, којашто во моментот постои“, рече премиерот Заев.
Претседателот на Владата Заев, повика на почитување на правосудните одлуки.
„Правниот систем носи одлуки на основа на аргументи и докази, на факти - сè друго е спротивставување на правдата, посебно кога имаме пресуда, а таа е потврдена со правосилна судска одлука“, заклучи премиерот Заев.