Министерството за транспорт и врски ќе објави оглас за распределба на 70 станови во Битола за млади брачни двојки и самохрани мајки

Министерството за транспорти врски утре ќе објави оглас за распределба на 70 станови во Битола наменети за продажба на млади брачни двојки и самохрани родители.

Становите, лоцирани на ул. „Кочо Рацин“ во Битола, ќе се продаваат по цена од 554 евра за метар квадратен без ДДВ, а нивната распределба ќе се врши по електронски пат. Две третини од становите ќе се продаваат на млади брачни двојки со возраст на двајцата сопружници најмногу до 38 години и кои се во брак најмногу осум години зависно од бројот на децата. Останатите се наменети за самохрани родители во зависност од периодот во кој родителот е самохран и од бројот на децата, информира денеска на прес-конференција министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Становите што ќе бидат огласени за продажба се дел од владината Програма за изградба и одржување на станбениот простор во сопственост на државата што го реализира АД за стопанисување со станбен и деловен простор. Рокот за поднесување барања за учество во распределбата на станови е 28-ми следниот месец. Дел од огласот за тие станови ќе содржи објава за продажба и на три стана во општина Аеродром во Скопје по просечна цена од 770 евра за метар квадратен без ДДВ. Станува збор за станови кои останале нераспределени на претходните три огласи.

Јанакиески најави дека наскоро ќе има објави за распределба на станови согласно владината Програма и во Штип и во Битола.

- Владата продолжува со спроведување активности за реализација на повеќе проекти насочени кон подобрување на станбената политика и домувањето во Македонија. Освен овие 70 станови во Битола и три во Скопје, во тек е проектирањето на објекти со станови кои ќе бидат наменети за продажба на млади брачни двојки и самохрани родители, 42 во Скопје и 58 во Велес, посочи Јанакиески.

Со проектот за домување на социјално ранливите групи е предвидена изградба на 35 објекти во 26 града во државата со 1.753 стана. Во периодот од 2007 до 2011 година се изградени девет објекти со 430 станови.