Попоски: Македонија заслужува да оди напред
Македонија заслужува да оди напред во евроинтеграциските процеси, истакна денеска министерот за надворешни работи Никола Попоски кој во Лондон учествуваше на дебата посветена на Македонија организирана од Европскиот совет за надворешни односи.
Попоски пред еминентните гости реферираше за напорите што земјата ги прави во однос на евроатланските интеграциски процеси, за спорот за името со јужниот сосед и за состојбата во земјата. Според Попоски, има два мита врзани за Македонија. Едниот е од воспоставувањето на независност и тоа дека земјата има територијални претензии што се побива со фактот за врските што граѓаните ги имаат меѓусебно и со економската соработка со Грција. Вториот е поврзан со влезот во ЕУ и НАТО, но речиси 90 отсто од граѓаните го поддржуваат тоа. Повеќегодишното одлагање на почетокот на преговорите за влез во ЕУ, според Попоски, придонесе само за намалување на довербата на граѓаните.
Македонија заслужува да оди напред, истакна Попоски посочувајќи на целосно исполнетите реформи за влез во НАТО и добиените препораки за почнување на преговори за влез во ЕУ и на блокадата од Грција поради билатералниот спор, пресудата од Хаг во полза на Македонија, како и на фактот дека грчката страна нема мотивација за решавање на спорот бидејќи ги очекуваат парламентарни избори и поради кризата што ја зафати земјата.
– Тоа што Грција има проблеми не значи дека нашиот живот треба постојано да се влошува. Ние имаме наши цели, а тоа се влез во НАТО и во ЕУ, истакна Попоски.
Посочи на отпочнувањето на високиот дијалог со ЕУ и во тој контекст на реформите во судството, администрацијата, борбата против корупцијата, економските реформи и делот за медиумите, како и дека по нивното завршување граѓаните ќе имаат поквалитетен живот, а ќе се скрати и периодот за преговори со ЕУ.
Во однос на меѓуетничките инциденти што се случија во изминатиот период, Попоски истакна дека такви настани имало и ќе има не само кај нас туку и во многу други земји во светот. Она што е најважно за нивно решавање, според него, е владеењето на правото и изнесување на виновниците пред лицето на правдата.
Претставник на британското Министерство за надворешни работи ја пренесе поддршката на Лондон за влез на Македонија во ЕУ и во НАТО, посочуваќи дека тоа е цел и на Велика Британија бидејќи на тој начин ќе се постигне просперитет и безбедност во регионот. И покрај состојбите во Грција, тој вели дека сепак спорот треба да се реши со заемен дијалог и оти неговото надминување зависи од двете страни.
Македонија досега требаше да биде дел од НАТО, смета поранешниот генерален секретар на Алијансата Џорџ Робертсон, кој сепак порача дека Македонија треба да биде пофлексибилна во спорот.
Министерот Попоски ја завршува посетата на Лондон со средби во Горниот дом на Британскиот парламент. Вечер тој заминува за Прага во дводневна официјална посета на Чешката Република.