Заменикот на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денес оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Република Грција, Н.Е. Русос Кундурос, со кого разговараа за актуелни теми поврзани со економијата, економската соработка помеѓу двете земји и активностите на Република Северна Македонија поврзани со интеграцијата во ЕУ.
Вицепремиерот Битиќи посочи дека економската соработка помеѓу двете земји е на традиционално високо ниво, при што Грција е четврти трговски партнер на Северна Македонија, како и дека соработката има потенцијал и понатаму да се развива, што е во взаемен интерес на двете земји.
Амбасадорот Кундурос ја истакна интенцијата на Владата на Грција да се продолжи со градење на цврсти економски односи и унапредување на билатералната соработка, а притоа го потврди ставот дека ќе ја поддржи Северна Македонија во спроведувањето на реформите потребни за целосна интеграција на земјата во Европската Унија.
Како една од главните теми за разговор се издвои соработката во енергетскиот сектор, за кој вицепремиерот и амбасадорот се согласија дека има навистина голем потенцијал, ако се земат во предвид заедничките проекти за изградба на терминалот за течен нафтен гас во Александрополи, како и гасното поврзување помеѓу двете земји, со кое Република Северна Македонија ќе добие нов извор за снабдување со овој поеколошки и поевтин енергенс, а со тоа и можност да стане регионален центар за понатамошен транзит и дистрибуција на гасот на земјите од регионот.
Вицепремиерот Битиќи и амбасадорот Кундурoс се согласија дека во периодот кој следи ќе продолжат со интензивна меѓусебна комуникација за унапредување на економските односи помеѓу двете пријателски земји, а со крајна цел обезбедување на побрз и одржлив економски раст и подобри услови за живот на граѓаните.