Петјазична публикација и филм за Втората светска религиска конференција во Охрид

Петјазичното издание на публикацијата „Религијата и културата - нераскинлива врска меѓу народите“ и ДВД со документарен филм, посветени на Втората светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог која во 2010 година се одржа во Охрид, беше промовирано денеска во Музејот на македонската борба за државност и самостојност.

Во обраќањето пред присутните на промоцијата на публикацијата, претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов рече дека дијалогот меѓу религиите и културите е основниот инструмент за надминување на предрасудите и стравот, за зближување и разбирање меѓу луѓето, без разлика на религијата кон која припаѓаат.

Со самото тоа што публикацијата е печатена на македонски, албански, англиски, француски и руски јазик, истакна Иванов, таа го отсликува почитувањето на различностите, но и на универзалноста на упатените пораки.

- Без разлика на тоа кој јазик се користи пораките се секогаш исти: мир, соработка и толеранција, соживот, слобода и љубов. Македонија живеела и живее во светот на различноста, почитувајќи го она што ни е оставено во наследство. Животот не научи на соживот, толеранција и меѓусебно разбирање и помагање, рече Иванов.

Тој посочи дека не смее да се заборави дека дијалогот ги менува срцата и размислувањата на поединците.

- Тој што комуницира се интегрира, а тој што не комуницира се гетоизира опстојувајќи со измислени непријателства. Циклусот светски конференции за меѓурелигиски и меѓукултурен дијалог ќе продолжат да даваат цврсти вредносни насоки кои ќе бидат мост за разбирање меѓу народите, заемна почит и толеранција за подобар свет, додаде претседателотн Иванов.

Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска истакна дека публикацијата е документ за конкретниот придонес на Република Македонија во демократијата на светското општество и е импозантен зборник кој на идните генерации ќе им го доближи актуелниот дијалог на религиите во Република Македонија во 2010 година, истовремено поврзувајќи ги во цврста историска архитектоника времето и настаните до одржувањето на третата по ред, Светска конференција во 2013 година.

Таа посочи дека петте изданија на публикацијата и на документарниот филм се подготвени со финансиска поддршка на УНЕСКО во рамки на заедничката програма на ОН „Подобрување на меѓуетничкиот дијалог и соработка меѓу заедниците“.

- Зборникот и документарниот филм во кои на високопрофесионален начин е овековечена мисионерската далекувидост на Втората светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог во градењето на мирот, е доказ дека Македонија станува препознатлив симбол и меѓународен центар за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог, потребен за иднината на човештвото, додаде Канческа Милевска.

Од името на верските заедници во Република Македонија се обрати Валентина Божиновска, директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, која го потенцираше огромното значење на публикацијата која денеска беше промовирана.

Во Музејот на македонската борба за државност и самостојност денеска исто така состанок одржаа членовите на Извршниот одбор на Меѓународниот комитет за организирање на Третата светската конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог, закажана за 2013 година.

На состанокот, информираат од Министерството за култура, се дискутираше за преземените активности по завршувањето на Втората светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог и резултатите од истата, како и околу термините, форматот и темите за одржување на претстојната Конференција.

На средбата покрај домашните претставници на одборот, Елизабета Канческа – Милевска, министер за култура и претседател на Меѓународниот комитет, претставник од Министерството за надворешни работи, Валентина Божиновска, директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиските групи и Ѓоко Ѓорѓевски, амбасадор на Република Македонија при Светата Столица, присуствуваа и Јован Пелуши, митрополит Корчански, Мато Зовкиќ во името на Винко Пуљиќ, кардинал и архиепископ Сараевски, Ларс Рајс, поранешен член на Парламентот на Норвешка, проф. Пол Мојзес од Роземонт колеџот од САД, проф. Мохамед Муфак Гега од Универзитетот Ал Ал Бејт од Јордан и Михаел Науснер, професор во Теолошкото училиште во Реутлинген, во Германија и Лу Влашо, почесен конзул на Република Македонија во САД.

Министерката Канческа-Милевска на состанокот изрази благодарност до сите членови на извршниот одбор за нивната подготвеност, со својот ангажман да се вклучат во сите подготвителни активности за следната конференција која ќе даде значителен придонес во изградбата на моделот на цивилизација на мирот, толеранцијата, разбирањето и соживотот.